Јавниот обвинител ниту е експерт ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот, кој јасно ја дефинира поделбата на законодавната, извршната и на судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон, рече Јовески во неговото денешно сведочење пред собраниската Анкетна комисија во врска со случајот на Клиниката за онкологија
Според државниот обвинител Љубомир Јовески, работата на собраниската Анкетна комисија во врска со случајот на Клиниката за онкологија е надвор од надлежностите на собраниските тела и смета дека таа има за цел да ја наруши работата на Обвинителството.
Јовески ова го посочи во денешното негово сведочење пред Комисијата во кое ја прочита и поканата со која е повикан да дојде, на седницата на Анкетната комисија. Јовески рече дека на поканата пишува оти јавниот обвинител на Македонија е повикан на седницата „во својство на сведок и/или експерт” за случајот „Онкологија”.
Државниот обвинител, како што рече, кога ја примил поканата, мислел дека е некоја грешка, но следејќи ја работата на Комисијата рече дека сѐ повеќе е уверен оти не се работи за грешка, туку за излегување на надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води Обвинителството.
„Апсолутно не е важно кој предложил, а кој прифатил вакво нешто. Јавниот обвинител ниту е експерт ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот, кој јасно ја дефинира поделбата на законодавната, извршната и на судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон“,
рече Јовески.
Според него, ваквата расправа е спротивна и на неколку други закони, особено на Законот за кривичната постапка, со кој се штити тајноста на предистражната постапка и доказите обезбедени на законски начин, а спротивна е и на собранискиот Деловник.
Јовески посочувајќи го членот 123 од Деловникот за работа на Собранието, рече дека работните тела не може да имаат истражни или други функции.
„Во вашиот комисиски деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на Јавното обвинителство ниту најголемиот дел од сведоците, кои секојдневно ги повикувате тука, може да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, не е во ваша надлежност“,
рече Јовески во воведното обраќање пред пратениците.
Тој уверува дека предметот за Онкологија се води темелно и стручно и дека ќе дојде до вистината, без разлика на некои обиди за опструкции. Објасни дека ги следи седниците на Анкетната комисија и се надева дека пратениците кои од говорница рекоа дека имале блиски, кои биле пациенти на Онкологија, не го кажале тоа за да докажат колку се засегнати од случајот оти речиси да нема семејство во земјата што не минало низ траумите што ги предизвикува болеста.
Јовески додаде дека пред четири години и неговиот единствен брат починал на Клиниката за онкологија и оти од најблиското семејството и сега имаат пациент на таа клиника. Но, тој рече дека тоа не го кажува со намера да докаже дека и нему му е важно да се дојде до вистината, туку затоа што, како што рече, знам дека дури и тој личен факт, кој не треба никого да засега, може да се злоупотреби политички и да фрли сомнеж на непристрасноста на постапката.
„Никогаш не сум влијаел, нема ниту сега да влијаам на јавните обвинители кои постапуваат. Да бидат сигурни дека апсолутно, како и сите, ми е важно да се дојде до вистината“,
рече обвинителот Јовески.
Јовески во своето излагање се осврна и на наводите што вчера ги изнесе лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за случајот повикувајќи се на материјали и извештаи кои партијата ги добила од свиркачи, а се однесуваат на периодот до август годинава.
Според Јовески, документите и доказите за кои вчера јавно зборуваше лидерот на опозицијата треба да бидат доставени во Обвинителството за да не се дозволи да се компромитира постапката за ситни дневнополитички поени.
„Чув дека има нови документи и докази, па ве повикувам да ги доставите во Обвинителството сите докази за кои по собраниски, партиски и други јавни настапи тврдите дека сте ги дознале или ви ги откриле некакви свиркачи. Секој чесен граѓанин треба доказите да не ги чува, да не се фали дека ги поседува, туку веднаш да ги предаде на надлежните органи. И ќе си дозволам само да ви кажам – исказот пред вас и солзите на актуелната директорка многу кажуваат за проблемите со кои се соочува Клиниката, затоа итно како пратеници заложете се да се обезбеди терапија за сите пациенти со оваа тешка болест“,
рече Јовески.
По обраќањето на Јовески, претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, посочи дека „таа е формирана врз основа на членот 76 од Уставот на Република Македонија и членот 118 од Деловникот на Собранието како највисок орган во државата“.
„Улогата на Обвинителството може да ја дискутирате и со нас и со медиумите по прашањата за ‘Беса транс’, модуларната болница, која изгоре поради кабел, а на крајот на денот, видовте искази на здруженија на граѓани, исто така низ солзи, кои бараат завршница која треба да потекне од вас“,
рече Мизрахи.
Пратеникот Петар Ристевски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали со тоа што не се одредени никакви мерки за чинители во овој случај не се забошотува случајот и се одвлекува вниманието од сведоците и истрагата.
Јовески одговори дека поголем дел од овие прашања се интерес на Обвинителството.
„Јас спомнав дека некаде околу 40-ина лица кои имаат сознанија за конкретниот настан дека Обвинителството има сослушано и можевте да извлечете заклучок дека врз основа на сослушувањата на овие лица Обвинителството обезбедува определени докази во врска со настанот. Ние како Обвинителство не сме надлежни во делот на политичката одговорност, која ја утврдува оваа Комисија, нас како Обвинителство нѐ интересира кривичната одговорност, а додека што содржат овие искази на луѓето кои ние ги имаме сослушано, воопшто не барајте за тоа сега јас да ви зборувам, нема да ги коментирам нивните искази во која насока или кои лица се тие“,
рече Јовески.
Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ постави прашање во врска со шпекулациите во јавноста за трошењето на буџетот на Клиниката и упати апел да се забрза истрагата и да се вклучат повеќе луѓе и енергија, за граѓаните, како што рече, да не ја изгубат целосно довербата во здравството. Истрагата, вели тој, да дојде до епилог и одговорноста да има имиња и презимања и ова никогаш да не се повтори.
Јовески се согласи дека овој случај треба што побрзо да се заврши, на што, рече, максимално работат обвинителите кои постапуваат по предметот. Во однос на фактите што ги изнел пратеникот дека се шират шпекулации околку набавката на лекови, сето тоа, нагласи тој, треба да се утврди низ соодветна документација и од стручни лица.
„За да не се повтори ова мислам дека тежишната улога повеќе е на Собранието отколку на Обвинителството. И во мојот говор истакнав, обезбедете средства, изменете прописи овој случај никогаш да не се повтори. Многу е тешко јас, вие или кој било, да се најдете во таква ситуација да немате терапија, а имате човек кој се бори за живот“,
рече државниот обвинител.
Во делот на прашањата за буџетот, тој посочи дека го носи Собранието, но нагласи дека тој не е доволен за многу институции, а тоа се однесува и на Обвинителството.
На прашањето од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски, дали во неговиот мандат предистрагата ќе помине во истрага и дали ќе има некаква разрешница, Јовески рече дека е многу неблагодарно да се предвидуваат одредени дејствија и увери дека Обвинителството ќе утврди кој злоупотребил и какви кривични дела извршил дека ќе има одговорност.
Јовески рече дека Обвителството доказите ги обезбедува согласно Законот за кривична постапка во строго определена форма и тоа го чини секојдневно. Тој подвлече дека една од основните задачи во рамки на испитувањето на овој случај и врз основа на медицинската документација за определени пациенти е да се утврди начинот на нивното лекување, начинот на давање терапијата и дали е тоа согласно законските прописи.
Пратеникот од опозицијата Александар Вељановски праша дали имало уништување докази за прикривање на кривичните дела кои би влијаеле на квалитетот на истрагата, на што Јовески истакна дека задачата на Анкетната комисија е утврдување на политичката одговорност, но дека и ден-денеска пратениците повеќе се занимаваат со истражниот дел отколку во делот на утврдување на политичката одговорност.
Јовески во одговорот додаде дека доколку Обвинитеството процени дека постои можност за осуетување на доказите, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно своите законски надлежности.
„Не може, како што сакате вие да прикажете, овие докази ниту да се фалсификуваат ниту да исчезнуваат бидејќи денес, кога станува збор за материјални докази, и да сакате да ги отстраните, вие не може да ги отстраните оти постојат на повеќе места. Станува збор за утврдување факти за кои е потребен интердисциплинарен пристап. Во случајот треба да постапуваат и луѓе кои имаат познавање од финансиската област, од начинот на обезбдување на материјалните средства, потоа во делот на лекување, давање терапија“,
рече Јовески.
За Јовески имаше прашање и за КАТО-системот, кој е спомнуван како решение на проблемот. Пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ, праша дали Обвинителството размислува да истражи дали со неговата набавка бил злоупотребен државниот буџет и дали ќе има епилог.
„Епилог ќе има и мора да има. Не станува збор за некој небитен настан, туку навистина за една сложена состојба, за тешки кривични дела. Обвинителството мора овој случај да го испита до крај, па доколку се покаже дека КАТО-системот влијаел вака или онака во делот на процесот на лекување на болните, секако дека ќе биде земен предвид“,
рече обвинителот Јовески.
На прашања на Анкетната комисија во Собранието денеска одговараше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На денешната седница биле поканети да сведочат и поранешниот министер за здравство Венко Филипче и Миле Сугарев, актуелен директор на Фондот за здравствено осигурување. Мизрахи на почетокот на седницата информира дека Сугарев не можел да присуствува на седницата поради службен пат надвор од Скопје. Таа, исто така, соопшти дека поранешниот министер за здравство Филипче со допис ја известил Анкетната комисија дека поради приватни обврски и патувања во странство не може повторно да се појави пред Комисијата.
Тој известил и дека во првото сведочење одговорил на сите прашања и ги кажал своите ставови за овие процеси и оти стои на располагање да одговори писмено.
Претходно денеска, претседателката на Анкетната комисија соопшти дека ќе побара продолжување на рокот за работата на оваа Комисија, како и проширување на опфатот на периодот на кој се однесува нејзината работа.
Како образложение таа ги наведе, како што рече, новите сознанија кои вчера во јавноста ги изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од чии редови е и пратеничката која претседава со Анкетната комисија за случајот „Онкологија“.