По обработката на податоците од сите 24 избирачки места, кандидатот на ДУИ има 4 442 гласа, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ 4 177
Аркин Јахији од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, е победник во денешниот втор круг од предвремените избори за градоначалник на Брвеница, покажуваат резултатите објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).

По обработката на податоците од сите 24 избирачки места, Јахији освоил 4 442 гласа, односно 50,36 отсто од гласалите. Неговиот противкандидат Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, добил 4 177 гласа, односно 47,36 отсто. Разликата изнесува 265 гласа.
Овие податоци го потврдуваат она што „360 степени“ претходно го објави неофицијално, повикувајќи се на партиски извори – дека Јахији победил со предност од околу 200 до 300 гласа.
На гласање излегле 8 820 избирачи, а излезеноста изнесува 54,29 отсто. Неважечки се 201 гласачко ливче. Во споредба со првиот круг, кога гласале 7 572 избирачи, денеска на гласање излегле 1 248 граѓани повеќе.
Вечерва пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, ја обвини Влен дека во вториот круг застанала зад кандидатот на НАИ и одиграла улога на „тројански коњ“ за ДУИ. Сепак, таа оцени дека изборите во Брвеница нема да бидат тест за владината коалиција.
