Според неа, Влен во вториот круг од изборите наместо да ја искористи можноста да покаже дека е политички различна од ДУИ, таа одиграла улога на тројански коњ

Влен не успеа да се издвои од политиките на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и во вториот круг од локалните избори во Општина Брвеница застана зад кандидатот на „Националната алијанса за интеграција“(НАИ), рече вечерва пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
Стојаноска посочува дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ во првиот круг од изборите го поддржале својот кандидат Стојанчо Радичевски, додека Влен настапила со сопствен кандидат, за во вториот круг да се приклучи кон кандидатот на НАИ.
„Видете, јас не верувам дека Влен е некој голем фактор во Општина Брвеница, впрочем, тоа го покажаа и резултатите од првиот круг на изборите тука. Инаку, јасно, ние на овие избори работевме одделно, односно, нашата партија заедно со коалицијата ‘Твоја Македонија’ застана зад нашиот кандидат Стојанчо Радичевски, додека Влен во првиот круг работеше за нивниот кандидат, а во вториот круг одлучи да се приклучи на кандидатот на НАИ“,
рече Стојаноска во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.
Според неа, Влен во вториот круг од изборите наместо да ја искористи можноста да покаже дека е политички различна од ДУИ, таа одиграла улога на тројански коњ.
„Жалиме што ете Влен не ја искористи оваа прилика да покаже дека се поразлични од ДУИ туку, исто како и СДС и Левица. Мислам дека ја одиграа улогата на тројански коњ и одиграа за ДУИ, односно ги раштрка гласовите од гласачкиот базен“,
рече таа.
Стојаноска смета дека локалните избори во Брвеница нема да бидат тест за владината коалиција, туку дека тоа е реализацијата на владината програма, која што за сега смета дека се одвива според планираното.
Таа се осврна и на изборните резултати и политичката состојба во опозицијата, оценувајќи дека СДСМ по локалните избори станала маргинална политичка партија, за што одговорност му припиша на партиското раководство предводено од Венко Филипче.
„Така, СДС стана, би рекла, маргинална партија после овие локални избори, особено заради катастрофалното нејзино раководење од страна на Венко Филипче. И јас сметам дека венковистите можеби сега и би се радувале или навиваат да победи нивниот партнер ДУИ, што впрочем докажува дека секогаш кога ќе ги споменеме ДУИ и СДС, треба да сме свесни дека станува збор за две различни страни од една иста паричка“,
рече Стојаноска.
