Од банката, во соопштение објавено на нивната фејсбук-страница, велат дека согласно одлуката на Народната банка, воведени се привремени заштитни мерки, со кои за физичките лица е утврден неделен лимит од 10 000 денари за користење средства преку платежните картички на банката

Експозитурите на Алта банка АД Битола од утре нема да работат со клинети, информираат од банката. Прекинот во работата, како што додаваат, ќе биде до дополнително известување.
Од банката, во соопштение објавено на нивната фејсбук-страница, велат дека согласно одлуката на Народната банка, воведени се привремени заштитни мерки, со кои за физичките лица е утврден неделен лимит од 10 000 денари за користење средства преку платежните картички на банката.
„Нагласуваме дека преземените мерки имаат превентивен карактер и се насочени кон заштита на средствата и интересите на клиентите“,
се додава во соопштението.
За сите дополнителни информации и промени велат дека клинетите навремно ќе бидат известени преку официјалните канали на банката.
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески на денешната прес-конференција соопшти дека врз Алта банка АД Битола, која е во мнозинска сопственост на Алта банка АД Белград, ќе биде воспоставена администрација, што значи дека управувањето го презема Народната банка. Граѓаните што имаат сметки во оваа банка ќе може да користат максимум по 10 000 денари неделно за плаќања кон надвор. За внатрешни плаќања од една на друга сметка во банката износот е неограничен.
Како што кажа Славески, оваа мерка е воведена имајќи ги предвид јавно достапните информации за одземање на дозволата на Алта Банка АД Белград, со истовремено донесување одлука за исполнување на условите за поведување стечајна постапка над оваа банка, а во насока на заштита на билансот на Алта Банка АД Битола и на интересите на нејзините штедачи. Решението го донел Извршниот одбор на македонската Народна банка на седницата одржана на денеска, на 1 ноември 2026 година, и тоа стапува во сила веднаш.
