„Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на банката преминува привремено во надлежност на лица именувани од Народната банка, а во рамки на дадените овластувања од Извршниот одбор на НБРМ. Со цел заштита на имотот на банката, во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќања од сметките на клиентите на банката“, објави гувернерот Славески
Прашан дали Народната банка го проверила потеклото на парите на сопственикот на српската Алта банка пред да ја купи поранешната Стопанска банка Битола, гувернерот рече дека тогаш Алта банка Белград имала лиценца и работела нормално во рамките на финансискиот систем на Србија

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески на денешната прес-конференција соопшти дека врз Алта банка АД Битола, која е во мнозинска сопственост на Алта банка АД Белград, ќе биде воспоставена администрација, што значи дека управувањето го презема Народната банка. Граѓаните што имаат сметки во оваа банка ќе може да користат максимум по 10 000 денари неделно за плаќања кон надвор. За внатрешни плаќања од една на друга сметка во банката износот е неограничен.
Како што кажа Славески, оваа мерка е воведена имајќи ги предвид јавно достапните информации за одземање на дозволата на Алта Банка АД Белград, со истовремено донесување одлука за исполнување на условите за поведување стечајна постапка над оваа банка, а во насока на заштита на билансот на Алта Банка АД Битола и на интересите на нејзините штедачи. Решението го донел Извршниот одбор на македонската Народна банка на седницата одржана на денеска, на 1 ноември 2026 година, и тоа стапува во сила веднаш.
„Алта Банка АД Битола е висококапитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио, и ги исполнува сите супервизорски стандарди. Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на Банката преминува привремено во надлежност на лица именувани од Народната банка, а во рамки на дадените овластувања од Извршниот одбор на НБРМ. Со цел заштита на имотот на Банката, во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќања од сметките на клиентите на банката“,
рече Славески на прес-конференцијата.
Тој додаде дека оние лица што имаат кредит од Алта банка ќе треба да продолжат навремено да ги исполнуваат обврските кон неа. Народната банка, додаде, ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе презема активности во рамките на своите законски надлежности.
„Апелираме до сите учесници во јавната дебата да се воздржат од изјави што може да создадат непотребна загриженост на граѓаните. Секое хушкање во јавноста е штетно по довербата во банкарскиот систем и директно ги погодува штедачите, чии интереси се во центарот на мерките што ги презедовме“,
рече Славески.
Одговарајќи на новинарско прашање, Славески појасни дека календарската седмица во која ќе важи лимитот од 10 000 денари ќе се смета од понеделник до недела. Тоа ќе биде максималната сума што граѓаните ќе можат да ја извадат од банката. Фирмите, пак, ќе можат да вршат плаќања на своите клиенти во рамките на сметките на банката. Додаде дека оваа мерка ќе важи и за подигнување пари од банкоматите и дека ова прашање, на техничко ниво, е веќе регулирано и со другите банки, во врска со картичките издадени од Алта банка Битола.
Според Славески, Алта банка Битола има обврски од околу еден милион евра кон својата матична компанија Алта банка Белград, што според него е незначителен износ кој не ја загрозува ликвидноста на банката. Како што додаде, во изминативе денови немало значителни приливи од белградската во битолската банка, а било забележано повлекување средства од шалтерите и од банкоматите Алта банка Битола вчера, поради неизвесноста што се создаде. Вкупно биле повлечени околу два милиони евра.
Прашан дали Народната банка го проверила потеклото на парите на сопственикот на српската Алта банка пред да ја купи поранешната Стопанска банка Битола, гувернерот рече дека тогаш Алта банка Белград имала лиценца и работела нормално во рамките на финансискиот систем на Србија.
„Оттука, според сите супервизорски стандарди, што ние сериозно ги проверивме и ги подложивме на проверка, беа задоволени сите критериуми за одобрување на тој влез, односно купување на акциите“,
рече Славески.
Администратори на Алта банка Битола во овој период, како што рече гувернерот, ќе бидат три лица од Народната банка. Максималниот рок на траење на времените мерки е три месеци, но тој очекува состојбите да се решат поскоро, бидејќи, како што додаде, има неофицијални информации дека повеќе лица се заинтересирани да ги купат акциите на банката.
„Ние имаме по закон определен процес, по кој што тие акции ќе бидат понудени на продажба откако ќе се испочитуваат сите законски одредби и права на акционерите. Само сакам да нагласам дека ние го одземаме правото на глас на Алта банка АД Белград, од утре во стечај, но правото на сопственост останува. Тие по закон ќе бидат известени уште во текот на утрешниот ден дека имаат кус рок да ги понудат акциите на продажба. Во спротивно тоа ќе го прави Народната банка“,
објасни Славески.
Како што рече, Алта банка Битола не спаѓа во редот на системски значајни банки, поради учеството во вкупната актива, но сепак е многу значајна од регионален аспект.
