Според Обвинителството, жртвите биле лишени од живот со умисла, а осомничените од нивните домови одзеле пари, накит и предмети вредни околу 500 илјади денари. За тешкиот облик разбојништво е предвидена казна од најмалку десет години или доживотен затвор

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против четири лица осомничени дека како соизвршители учествувале во двете разбојништва со смртни последици во скопските населби Хром и Ѓорче Петров. Надлежниот обвинител предложил притвор за сите четворица.
Според соопштението, во раните утрински часови на 22 октомври осомничените насилно влегле во куќа во Хром, го врзале сопственикот за рацете и нозете, го удирале по главата и телото и го задушиле со перница. Потоа пребарувале низ куќата и одзеле пари и златен накит во вкупна вредност од 300 илјади денари.
Истиот ден попладне еден од осомничените со своето возило ги однел другите до златарница во Старата скопска чаршија, каде што, според Обвинителството, го продале украденото злато за 2 840 евра.
Второто разбојништво се случило ноќта меѓу 26 и 27 октомври, кога осомничените влегле во куќа во Ѓорче Петров. Обвинителството наведува дека физички ја нападнале сопственичката, ја удирале по главата и телото, ѝ ги врзале рацете, нозете и устата и ја внеле во бањата.
Жената починала од ударите, а од куќата биле одземени пари, накит и вредни предмети во вредност од околу 200 илјади денари. Украдениот златен накит, според соопштението, повторно бил продаден.
Истрагата се води за тежок облик на разбојништво бидејќи, според Обвинителството, жртвите биле лишени од живот со умисла. За ова кривично дело е предвидена казна затвор од најмалку десет или доживотен затвор.
МВР претходно соопшти дека на 27 октомври биле уапсени А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58) од Скопје и М.Р. (26) од Струмица. За обезбедување и комплетирање на доказите првично беше побаран краткотраен притвор, а на 30 октомври Обвинителството побара нови 48 часа притвор.
