Венко Филипче утре ќе одржи прес-конференција во Собранието на која ќе ја образложи интерпелацијата. Партијата бара и истрага и утврдување кривична одговорност
Пратениците на СДСМ и коалицијата ќе поднесат интерпелација за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, по случувањата со Алта банка АД Битола, најавија од опозициската партија.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, утре, 2 ноември, во 11:30 часот ќе одржи прес-конференција во Собранието. Покрај интерпелацијата, партијата бара истрага и утврдување кривична одговорност за случајот.
Филипче на Х ја критикуваше одлуката на Народната банка за воведување администрација во Алта банка Битола и придружните мерки.
,,Каква е оваа одлука на Трајко Славески граѓаните да не можат да си ги извадат парите, да можат само 10.000 денари неделно да вадат а фирмите да можат колку сакаат? Значи парите од криминалните тендери на ВМРО-ОКГ и парите кои Вучиќ ги префрли а се дел од истрага ќе продолжат да се перат, а парите на народот ќе останат заробени. Криминална одлука на криминална власт. Партиските фирми на организираната криминална група ќе си ги повлече парите, а народот ќе остане без своите пари”,
напиша Филипче.

Претходно денеска членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, побара обвинителството да поведе кривична постапка против премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Славески и сите што учествувале во процесите поврзани со Алта банка.
Фрчкоски ги обвини Мицкоски и Славески дека го овозможиле влезот на банката во Македонија и оцени дека депозитите на институциите, јавните претпријатија и компаниите се доведени во ризик. Тој побара итна реакција од надлежните институции.
„Наместо да молчат, институциите мора да реагираат веднаш“, порача Фрчкоски.
Неговата прес-конференција се одржа пред обраќањето на гувернерот Славески, кој подоцна соопшти дека Народната банка воведува администрација во Алта банка АД Битола. Со одлуката управувањето со банката го преземаат лица определени од централната банка, а се воведуваат и одредени ограничувања во располагањето со средствата на клиентите.
На ова претходеше одземањето на дозволата за работа на Алта банка АД Белград, мнозинскиот сопственик на банката во Битола.
