„Апсолутно не станува збор за никакво ново откритие или скандал кој беше објавен од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на вчерашниот ден. Ваквите политички манипуларани презентации на документација која не е ниту тајна ниту скриена е само обид за злоупотреба на УКРО за дневнополитички цели“, велат од Клиниката за онкологија во писменото соопштение
Наводите и документите кои беа објавени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се дел од документацијата која уште од почетокот на истрагата е предадена на истражните органи и на Анкетната комисија во Собранието, реагираат денеска од Клиниката за радиотерапија и онкологија, откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски објави дека преку „свиркачи“ добиле документи за злоупотреби на Клиниката за онкологија.
„Апсолутно не станува збор за никакво ново откритие или скандал кој беше објавен од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на вчерашниот ден. Ваквите политички манипуларани презентации на документација која не е ниту тајна, ниту скриена е само обид за злоупотреба на УКРО за дневнополитички цели“,
посочуваат од Клиниката во писменото соопштение.
Од Клиниката ги отфрлија како неосновани и погрешни обвинувањата на опозициската партија оти непотребно се набавувале лекови на резерва. Посочуваат дека количината за која се обвинува дека била вишок на залиха била неопходна потреба и во количина за мал број пациенти.
„За еден од лековите (Абиратерон) воопшто и немало резерва и жалиме што со вакви неточни информации се манипулира јавноста. Ваквата пракса на менаџирање со лековите на УКРО е нужна и исправна за да не дојде до застој во давањето терапија, додека се завршат постапките за нови набавки“,
велат од Клиниката во писменото соопштение.
Во соопштението испратено до медиумите оттаму апелираат да не се политизира судскиот процес во врска со случувањата на Онкологија и се додава оти Клиниката е транспарентна и отворена за сите институции во овој случај, вклучително и за Анкетната комисија во Собранието.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера презентираше извештај од Фондот за здравствено осигурување од извршена вонредна финансиска контрола на условниот надоместок во Универзитетската клиника за радиологија и онкологија за периодот од 1 август 2021 година до 1 август 2023 година. Рече дека периодот кој е опфатен во извештајот не е дел од предистрагата за случајот „Онкологија“.
Извештајот, како што меѓу другото истакна Мицкоски, покажува дека лековите за пациентите доцнеле, а за тоа никој не испратил допис и не биле раскинати договорите со набавувачите, немало контрола при аплицирањето на лековите што им се даваат на пациентите кои лежат на Клиниката и се давале лекови на пациенти кои требало да ги примат на друга клиника, а за тоа нема никаква потврда дали тие лекови ги примил пациентот.
Најави дека сите документи ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, а од Анкетната комисија во Собранието бараат да го прошири опфатот и со овој период од извештајот.