Дел од парите, во иснос од 7 500 евра биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа, со цел истиот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување. Потоа, осомничениот побарал уште 10 000 евра во врска со друга постапка за јавна набавка што била предмет на жалбена постапка, повикувајќи се на своето претпоставено влијание врз натамошниот тек на предметот
Акцијата во која е приведен помошник-директорот во Царинската управа е реализирана по пријава на граѓанин, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Со тоа, како што велат оттаму, било овозможено да се преземат навремени законски дејствија за проверка на наводите, обезбедување докази и реализација на случајот.

Приведеното службено лице, според денешното соопштение од ОЈО ГОКК, е помошник-директор на Секторот за административно-технички работи во Царинската управа, а е осомничен дека сторил кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконско влијание.
Во описот на случајот се вели дека тој во периодот од април/мај до септември годинава, користејќи ја својата службена положба, во повеќе наврати побарал и примил парични средства во износ од 17 500 евра.
Дел од парите, во иснос од 7 500 евра биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа, со цел истиот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување.
Потоа, осомничениот побарал уште 10 000 евра во врска со друга постапка за јавна набавка што била предмет на жалбена постапка, повикувајќи се на своето претпоставено влијание врз натамошниот тек на предметот. Според прибраните докази на ОЈО ГОКК, за возврат требало да влијае врз постапувањето во жалбената постапка и да делува во однос на условите и техничката спецификација.
За осомничениот, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка, достави предлог за определување мерка притвор.
Од Министерството за внатрешни работи вчера соопштија дека е приведен е помошник-директор во Царинската управа, затекнат како прима претходно обележани парични средства во износ од 17 500 евра.
Потоа, случајот го потврди и ОЈО ГОКК, од каде посочија дека парите биле побарани како поткуп со цел да го употреби своето реално влијание и наводно да помогне во две постапки пред Царинската управа.
Како што информираат од ОЈО ГОКК, ова е втор случај за неполна седмица во кој постапуваат по пријава од граѓанин. Ги охрабруваат граѓаните што располагаат со сознанија и информации за можни коруптивни дејствија да ги пријават до надлежните органи.
Потенцираат дека идентитетот и личните податоци на оние што пријавуваат се заштитуваат согласно законските можности и потребите на постапката.
