На Парискиот мировен форум претседателката порача дека европската безбедност е поврзана со безбедноста на регионот и дека ЕУ треба да придонесе за неговата отпорност преку забрзување на интеграцијата
Европа не може да биде целосна без стабилен и демократски Западен Балкан, а европската безбедност е неразделно поврзана со безбедноста на регионот. Ова го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Парискиот мировен форум, на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“.

Претседателката оцени дека светот минува низ период на длабока трансформација, во кој старите модели се исцрпуваат, а новите сè уште не се оформени. Повикувајќи се на концептот „interregnum“ на италијанскиот филозоф Антонио Грамши, таа предупреди дека ваквите периоди создаваат простор за политички вакуум и геополитички ризици.
„Политичкиот вакуум никогаш не трае долго, а тоа особено важи за Балканот“,
рече таа.
Говорејќи за европската перспектива, истакна дека земјите од Западен Балкан не се периферија на Европа, туку нејзин природен географски, историски и културен дел.
Потсети дека земјава 21 година има кандидатски статус за членство во Европската Унија и досега добила 17 позитивни извештаи, но сè уште не ги започнала пристапните преговори.
Осврнувајќи се на уставните измени, Сиљановска-Давкова ја отвори и темата за суверенитетот и демократскиот легитимитет, нагласувајќи дека Уставот не е само највисок правен акт, туку и општествен договор.
„Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така“,
порача таа, повикувајќи на владеење на правото и почитување на човековите права и слободи.
Според претседателката, Европската Унија не треба само да бара од земјите од Западен Балкан да бидат поотпорни, туку и самата да придонесе за зајакнување на нивната отпорност преку забрзување на процесот на интеграција.
Предупреди дека во свет обележан со вештачка интелигенција, дигитализација и нови форми на хибридни закани, одговорот не може да се сведе само на надворешна отпорност, туку мора да опфати и внатрешна демократска и институционална стабилност.
Осврнувајќи се на протестите во повеќе европски земји, во кои активно учествуваат младите, Сиљановска-Давкова рече дека тие не треба да се третираат само како иднина, туку како рамноправни учесници во сегашноста и во процесите на одлучување.
Таа нагласи дека односот кон младите треба да се темели на почит, еднаквост и охрабрување, како и на нивно активно вклучување во носењето одлуки. Дијалогот меѓу генерациите, според неа, е предуслов за опстанок во свет кој повеќе не може да се гради врз изолираност.
На панел-дискусијата учествуваа и претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан.
