„Се преземаат и други дејствија заради обезбедување докази поради сомненија за кривично дело – фалсификување исправа од член 378 од Кривичниот законик“, соопштија од републичкото Јавно обвинителство
Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека се спроведува нова координирана акција поради сомненија за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за Ц и Д категорија, односно за управување со товарно возило и автобус
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево соопшти дека се вршат претреси на 32 локации во Скопје, во рамките на акцијата што се спроведува во врска сомнежите за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи.

Како што иформираат оттаму, претресите се вршат во основа на наредби од судија на претходна постапка, обезбедени по барање на јавен обвинител од Основото јавно обвинителство Скопје.
Според Обвинителството, освен на лица и домови, претреси се спроведуваат и во службени простории во Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, обезбедени по барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска се вршат претреси на 32 локации во Скопје, на лица, домови и службени простории во МВР. Се преземаат и други дејствија заради обезбедување докази поради сомненија за кривично дело – фалсификување исправа од член 378 од Кривичниот законик“,
велат од републичкото Јавно обвинителство.
Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека се спроведува нова координирана акција поради сомненија за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за Ц и Д категорија, односно за управување со товарно возило и автобус.
Од МВР наведоа дека акцијата е во тек и дека се вршат претреси на повеќе локации, со цел расчистување на случајот и обезбедување материјални докази.
Засега, ниту од МВР, ниту од Обвинителството не соопштуваат повеќе детали, а се очекува тие да бидат споделени со јавноста по завршувањето на акцијата.
Дел од медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации од свои извори, објавија дека во акцијата наводно има и приведени лица. Од наводно дел се вработени во Министерството за внатрешни работи, а дел лица кои управувале автобуси и тешки товарни возила со фалсификувани возачки дозволи, во и надвор од државата.
Акцијата следува откако минатиот месец, беше обзнането дека Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) истражува случај во кој вработени во управните служби на МВР незаконски додавале категории во возачки дозволи на лица што никогаш не полагале за управување камион или автобус.
Од МВР тогаш соопштија дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за случајот било известено надлежното Основно јавно обвинителство и дека во координација се преземаат соодветни активности за расчистување на случајот.
Според информациите, што кон крајот на август ги објавија дел од медиумите, за незаконското додавање на Ц или Д-категорија наводно се наплаќале по 1 400 евра.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во телевизиско гостување на 27 август потврди дека полицијата постапува по информации за конкретни сомнежи за сторено кривично и изјави дека секој што ја злоупотребил довербата на македонските граѓани и го оцрнил образот на Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе биде најстрого санкциониран.
