Со случајот е запознаен обвинител од скопското јавно обвинителство, но, според информациите на Сител, постапката засега се води во рамки на МВР. Со неа треба да се утврди колку вработени во управните служби биле вклучени во незаконското додавање категории, како и колку возачки дозволи биле издадени на ваков начин
Во групата која наводно била вклучена во издавањето лажни возачки дозволи има лица што претходно биле вмешани во аферата со лажни пасоши, откриена пред пет години
Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) истражува случај во кој вработени во управните служби на полоицијата незаконски додавале категории во возачки дозволи на лица што никогаш не полагале за управување камион или автобус, објави ТВ Сител.

Според информации објавени во дел од медиумите, за незаконското додавање на Ц или Д-категорија се наплаќале по 1 400 евра.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, известено е надлежното Основно јавно обвинителство и во координација со Обвинителството се преземаат соодветни активности за расчистување на случајот“,
се вели во соопштението од МВР.
Со случајот е запознаен обвинител од скопското јавно обвинителство, но, според информациите на Сител, постапката засега се води во рамки на МВР. Со неа треба да се утврди колку вработени во управните служби биле вклучени во незаконското додавање категории, како и колку возачки дозволи биле издадени на ваков начин.
Како што пренесува ТВ Сител, лицата што се предмет на истрагата биле затекнати на дело, односно во процесот на додавање категории кои возачите претходно не ги поседувале.
„Постапката функционирала така што лицето пријавувало дека ја изгубило возачката дозвола и поднесувало барање за издавање нова. При фотографирањето за новата дозвола, во системот се додавала повисока категорија, па возачот добивал нов документ со право да управува и со возила за кои немал положено“,
се вели во објавата на медиумот.
Според Сител, во групата која наводно била вклучена во издавањето лажни возачки дозволи има лица што претходно биле вмешани во аферата со лажни пасоши, откриена пред пет години.
Во тој случај десетмина вработени во МВР беа осудени на затворски и условни казни. Според пресудата, тие за издавање на лажните пасоши наплаќале по неколку илјади евра, а користеле податоци на македонски државјани кои никогаш немале извадено пасош, комбинирани со фотографии и податоци на странски државјани.
На овој начин биле издадени повеќе од 200 лажни пасоши, од кои дел завршиле кај лица поврзани со криминал и трговија со дрога, како и кај лица по кои биле распишани меѓународни потерници.
За случајот реагираа и од партијата Левица, од каде што тврдат дека станува збор за повеќе од 300 возачки дозволи во кои незаконски биле внесени категории за управување со тешки моторни возила и автобуси на лица што не ги исполнувале законските услови.

Партијата го обвинува раководството на МВР дека не успеало да спречи злоупотреби во сопствените структури и бара министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да даде одговори за тоа како функционирала наводната шема.
Од партијата бараат итна, целосна и независна истрага, која нема да биде ограничена само на службениците кои директно ги извршувале незаконските дејствија.
