Адвокатот на Михаилова, Николај Димитров, изјави дека на македонската граница таа ја покажала македонската лична карта, а на бугарскиот премин – своите бугарски документи. Рече дека не очекувале оти успешно ќе ја преминат границата, но е среќен што тоа се случило и што таа ќе започне со лекарски третман
Ива Михаилова била на стоп-листата на МВР, но не е евидентиран нејзин излез од Македонија, дознава „360 степени“ од извори упатени во случајот. Во тек се проверки што навистина се случило и како таа успеала да ја премине македонската граница и да влезе во Бугарија и покрај тоа што има судска забрана за напуштање на земјава поради судскиот процес што се води против неа во Кочани за сообраќајка со смртни последици.
И додека се чекаат официјални информации од македонските институции, таа дава изјави за бугарските медиуми.

Во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ), Михаилова вели дека нема ништо нелегално во нејзиното преминување на македонско-бугарската граница и дека тоа го сторила со своите лични документи. На прашањето како ѝ било дозволено да замине од Македонија, таа вели оти граничната полиција соработувала.
„Ја преминав границата со моите документи. Вчера се чувствував многу лошо. Разговарав со мојот адвокат и се договоривме – заедно одлучивме тој да дојде по мене и јас да се вратам во Бугарија. Ги предадов документите на проверка и нè пуштија. Поминавме низ контрола. Немаше ништо незаконско во моето преминување. Следно, треба да бидам примена во болницата ‘Пирогов’ на лекување, по што ќе следи рехабилитација“,
изјави Михаилова за БНТ.
Нејзиниот адвокат Николај Димитров изјави дека на македонската граница Михаилова ја покажала својата македонска лична карта, а на бугарскиот премин – своите бугарски документи. Рече дека не очекувале оти успешно ќе ја преминат границата, но е среќен што тоа се случило и што таа ќе започне со лекарскиот третман.
Во врска со случајот се огласија и министрите за внатрешни и за надворешни работи на Бугарија.
Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, рече дека ќе бидат преземени мерки за испрашување на Михаилова и за утврдување кога, каде и како ја преминала границата. Според него, во моментов нема информации за каква било комуникација иницирана од македонските власти во врска со случајот.
Шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова-Чамова, пак, од Луксембург изјави дека бугарското МНР не било вклучено на ниту еден начин во заминувањето на Ива Михаилова од Македонија во Бугарија.
„Сведоци сме на ситуација во која, по еден хуманитарен случај што не наиде на реакција во Република Северна Македонија, се посегна по очајнички мерки. Знаете дека го покренавме прашањето на највисоко ниво. МНР, како и премиерот и претседателот, сите го покренаа прашањето за потребата таа да добие пристап до медицински третман. Ги видовте неодамнешните случувања во врска со согласноста на македонската страна да се дозволи таа да биде прегледана од бугарски лекар во рамките на Република Северна Македонија“,
рече Петрова-Чамова.
- Ива Михаилова успеала да ја помине македонско-бугарската граница – адвокатот не кажува на кој премин
Инаку, на последната средба на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова беше договорено на бугарски медицински лица да им се овозможи да дојдат во Македонија и да се вклучат во медицинската процена на здравствената состојба на Ива Михаилова.
„360 степени“ упати прашање до МВР и чекаме одговори.
