Оттаму оценуваат дека секакво, па макар и минимално поскапување на струјата и греењето ќе значи лажење на народот, изневерување на дадените ветувања и префрлање на товарот врз граѓаните. Според партијата, доколку власта не ги исполни ветувањата за заштита на стандардот, треба да си замине од функциите

Либерално-демократската партија (ЛДП) бара гаранција од Владата дека нема да има поскапување на струјата и на парното и со тоа да не се дозволи да има ново ценовно цунами врз семејните буџети.
Од партијата потсетуваат дека актуелната власт дошла со ветувања за намалување на давачките за енергија и интервенција кај мрежарината, но наместо олеснување, најавите се движат кон нови поскапувања.
Според ЛДП, со најавените корекции парното греење во Скопје за една година се турка кон кумулативен раст од околу 20 отсто, додека пред Регулаторната комисија за енергетика се разгледуваат нови поскапувања на парното за околу 7,2 до 7,55 отсто и раст на струјата од два до три отсто.
„Ниту една розева, замислена и фатаморганска статистичка кошница пресметана во владини кабинети не може да ја скрие реалноста на терен: цените на основните прехранбени производи, на давачките и комуналните услуги растат, платите не ги следат зголемувањата на трошоците, а сѐ повеќе семејства едвај го туркаат месецот и до дваесеттиот ден“,
вели Дејанчо Цветановски, член на Извршниот одбор на ЛДП.
Оттаму оценуваат дека секакво, па макар и минимално поскапување на струјата и греењето ќе значи лажење на народот, изневерување на дадените ветувања и префрлање на товарот врз граѓаните. Според партијата, доколку власта не ги исполни ветувањата за заштита на стандардот, треба да си замине од функциите.
„Граѓаните не забораваат што е ветено. Ветувањата за заштита на стандардот и пониски енергетски трошоци мора веднаш да се исполнат, или власта нека си замине од функциите за да дојдат оние што знаат и можат да работат во интерес на граѓаните и државата“,
додаваат од ЛДП.
Премиерот Христијан Мицкоски, синоќа во телевизиско гостување, рече дека како влада се трудат да ги убедат државните компании да не бараат зголемување на цената на електричната енергија во нивниот дел, но оти не можат да влијаат на приватните компании.
Според него, Владата ќе направи сѐ државните АД ЕСМ и МЕПСО да не ја зголемат цената на нивниот дел од електричната енергија, за да нема зголемување на цената за крајните потрошувачи од 1 јануари идната година.
Сепак, додаде дека не можат да влијаат на барањата на „ЕВН Македонија“ бидејќи е приватна компанија.
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), како што кажа, ќе зависи дали ќе ги прифати нивните барања и дали ќе ги оправда сите трошоци што ќе ги прикажат.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во петокот рече дека од Нова година струјата најверојатно ќе поскапи за 2 до 3 отсто.
Во однос на цената на топлинската енергија, за која компаниите побарале поскапување од 45 до 50 проценти, Ристов оцени дека таквото барање е неприфатливо, иако растот на цената на природниот гас влијае врз трошоците за производство. Наместо тоа, очекува зголемувањето на цената на парното греење да се движи од 6 до 8 проценти.
