Техничкиот премиер во заминување, Оливер Спасовски, најави дека ако биде именуван за министер за внатрешни работи ќе ја ревидира работата на Наќе Чулев, кој изминатите 9 месеци беше технички министер за внатрешни работи.
„Не би сакал пред време да зборувам. Од моментот кога парламентот ќе ја изгласа владата, јас ќе седнам и ќе видам што е направено во изминатите 9 месеци. И, како што водев дијалог претходно, ќе седнам и ќе разговарам со вработените и со синдикатите“,
изјави Спасовски.
Тој одговараше на новинарско прашање во врска со реакциите од вработени во полициските единици дека биле незаконски распоредувани.
Пред два дена и екстехничкиот министер Чулев, на својот Фејсбук профил, објави дека од неговото заминување Министерството за внатрешни работи е заложник на политички игри, а вработените во оваа институција се жртви на политичките пресметки, одмаздувања и реваншизам.
Тврди дека добивал жалби од вработени во МВР и од полициските синдикати дека нивни членови трпат притисоци и реваншизам и наведува примери од Куманово, Охрид, Кавадарци, Прилеп и Битола.
Чулев реагира на поништувањето на 20 решенија за распоредување и наредби за извршување работни задачи што тој ги потпишал од 11 јуни до 24 јули 2020 година, што Владата го направи на првата седница од заминувањето на Чулев, а на предлог на Нухиу, кој ја презеде раководната функција во МВР.
Со поништувањето, сите се враќаат на претходните работни места.
Токму именувањата, распоредувањата и наредбите за извршување на работи задачи, беа главни точки на несогласување на Чулев со техничката влада на чие чело беше неговиот претходник во МВР Спасовски, лично со Спасовски и со дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, која важи за блиска до Спасовски, бидејќи претходно му беше шефица на кабинет.
Во мај Владата го задолжи да ги запре распоредувањата и унапредувањата, а тој ја обвини дека се меша во работата на МВР.
Последно од серијата беше за назначувањето на началник на СВР Тетово, кое Владата не му го дозволи, за што Чулев најави кривична пријава, а Управниот суд му ја отфрли.
Поврзани вести:
Управниот суд ја отфрли тужбата на Чулев за разрешувањето во СВР Тетово
Во јуни Чулев гласаше против одлуката на Владата за ажурирање на избирачкиот список, а му забележа и на претседателот на државата Стево Пендаровски дека не го консултирал за укинување на вонредната состојба, обвинувајќи го дека бил под политичко влијание во носењето на оваа одлука.
Но една од изјавите која предизвика реакции и кај Владата, но и во јавноста беше онаа во екот на пандемијата, кога во мај Чулев во гостување на ТВ Алфа рече дека нема намера да казнува никого за непочитување на мерките, бидејќи економската состојба била лоша, а психолошкиот притисок голем, и дека нема на никој начин дополнително да го оштетува буџетот на овие семејства.
Во однос на неговите постапки во контекст на мерките против пандемијата беа и случаите „Теретана“, откако се појавија снимки од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од фитнес-центар во време кога нивната работа беше забранета, лошата реакција на полицијата за време на одржувањето на литијата во Струга, случајот со кафената на „Боемска“, кога Мицкоски беше фатен како седи во внатрешниот дел од ресторанот, кога тоа беше забрането со владините мерки….
МВР доби и трет синдикат
На почетокот на јуни, Чулев дојде и во судир со Македонскиот полициски синдикат, откако од таму обелоденија дека тој формира, нов, трет по ред синдикат на полицијата, дека им врши притисоци и им праќа инспектори на нивните седници.
Претседателот на овој синдикат, Марјан Коцев, посочи дека во март на состанок во кабинетот на министерот добиле директна закана дека доколку не престанат со нивните барања ќе биде формиран нов синдикат.
Чулев тогаш им порача дека се политизирано и партиски координирано раководство, кое држи прес-конференции по партиски директиви и работи под директива на власта, а не ги застапуваат интересите на вработените.
Пасоши и чизми
Првото директно обвинување од Чулев до Спасовски како негов претходник беше во врска со недостатокот на обрасци за лични документи, при што техничкиот министер рече дека постојат индиции и материјални докази дека во МВР во времето на Спасовски незаконски се спроведувале постапки и се склучувале договори.
Премиерот Спасовски му одговори дека додека тој бил во Министерството за внатрешни работи немало никакви проблеми ниту со пасошите ниту со личните карти и го советуваше Чулев да го реши проблемот.
Потоа Чулев го обвини неговиот претходник, премиерот Оливер Спасовски, дека одобрил набавка на 3 000 чизми кои не исполнувале 4 критериуми за квалитет, и за тоа МВР поднело поднесок до Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција.
На прес-конференција Чулев рече дека се работи за јавна набавка на три илјади пара полициски чизми од фирмата „Пинко Кирил“ ДООЕЛ, во вредност од 15 милиони денари, за кои две акредитирани лаборатории констатирале дека не ги задоволуваат барањата од техничката спецификација на МВР.
Еден од посериозните случаи веднаш по именувањето на Чулев на чело на МВР на кој предупредија од власта, беше неговата телеграма во јануари, до сите организациски единици во МВР, со која ги известува раководителите дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациски единици, престануваат да важат.
Како што тогаш објави „360 степени“, куќата во Куманово во која живее премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, еден час останала без полицаец во стражарската куќичка, а проблеми се појавиле на граничните премини „Долно Блаце“ и „Јажинце“ на северната граница и во обезбедувањето на амбасадите на Албанија и на Турција, кои засилено се покриваат по настаните Блискиот Исток. Извесен вакуум се појавил и во обезбедувањето на амбасадите на Бугарија, Босна и Херцеговина, Чешка и резиденцијата на амбасадорот на Европската Унија.
Чулев тогаш ни изјави дека нема таков проблем.
