На нешто повеќе од еден месец по завршување на изборите, за жал, морам да констатирам дека Министерството за внатрешни работи е заложник на политички игри, а вработените во оваа институција се жртви на политичките пресметки, одмаздувања и реваншизам, обвинува доскорешниот технички министер на МВР, Наќе Чулев, на својот профил на Фејсбук.
Вели дека добивал жалби од вработени во МВР и од полициските синдикати дека нивни членови трпат притисоци и реваншизам.
„Сведок сум на неколку десетици примери каде што вработени во Министерството за внатрешни работи тенденциозно и злонамерно се деградирани и распоредени на работни места кои што не се соодветни со нивната стручна и физичка подготвеност, а има и случаи каде вработените се упатувани на работни места кои се повеќе од 50 километри оддалечени од местото на живеење. Па така, вработен од Куманово се распоредува на работно место во Матејче, вработен од Охрид во Струга, колега од Кавадарци се распоредува на работа во Прилеп. а раководно лице од Прилеп е прераспоредено на работа во Битола, а тие со место на живеење во Битола се распоредува на работно место во Македонски Брод“,
пишува Чулев.
Чулев додава дека ниту една реформа не успеала да ја оттргне политиката од МВР и ги повика синдикатите да застанат во одбрана на правата на вработените.
„Факт е дека станува збор за постапки кои се спротивни на законските прописи во државата и од тие причини ги поттикнувам колегите овие одлуки да ги оспорат пред надлежните институции и своите права да ги бараат пред соодветни органи. Но, истовремено ги поттикнувам за сите овие случаи да ги информираат претставниците на меѓународната заедница во нашата државата, а нив ги повикувам јавно да ги осудат постапките кои се спротивни на заложбите за професионализација и деполитизација на полициските структури. Апелирам до полициските синдикати да ги осудат сите постапки кои се спротивни на законот за полиција и законот за внатрешни работи и цврсто да застанат во одбрана на правата на вработените“,
порача Чулев.