Управниот суд ја отфрлил како беспредметна тужбата на министерот Наќе Чулев на одлуката на Владата да му го поништи решението за разрешување и именување на нов началник на СВР Тетово, соопштија од владината прес-служба.
„Според образложението на судскиот совет, Управниот Суд, имајќи го предвид членот 2 од одлуката на Владата, согласно член 48, став 2, од Законот за Владата, во кој се определува постапка во случај на сомневање од можно незаконско постапување од страна на министерот, најде дека тужбата на министерот Чулев е беспредметна“,
се вели во соопштението.
Чулев на крајот на минатиот месец поднесе тужба за повреда на административните процедури при донесување на Одлуката на Владата за поништување на решението за разрешување на Амир Далип од позицијата началник на СВР Тетово и за именување на дополнителен заменик- началник на СВР-Тетово.
Чулев тогаш објави дека е ова вторпат да му биде отфрлено ваквото решение и покрај постапка пред Управниот суд најави дека за ова ќе ја запознае и меѓународната заедница.