Политизирано и партиски координирано раководство, кое држи прес-конференции по партиски директиви. Вака министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ја оцени денешната прес-конференција на полицискиот синдикат на која го обвинија дека тој им врши притисоци.
„На денешната прес-конференција очекував полицискиот синдикат да го запраша Оливер Спасовски и останатите претставници на власта зошто сè уште не го прифаќаат предлогот за парична награда за вработените во полицијата и зошто во неколку наврати поништуваат решенија за распоредување на вработени донесени во транспарентна постапка и во согласност со законот, а во која активно учествуваа и потпис имаат ставено и претставници на Македонскиот полициски синдикат“,
вели Чулев во неговата реакција.
Тој, јавно го прашува раководството на Македонскиот полициски синдикат зошто ваква реакција немале кога Оливер Спасовски пред самото заминување од функцијата во МВР поделил голем број на решенија, а за најголемиот дел од нив и самиот синдикат потврдил дека се спротивни на законот.
„За волја на вистината јавноста треба да знае дека предлогот кој тие го споменуваат за бонус плата од 25 илјади денари, воопшто не е доставен до мене, а доколку истиот е доставен до Владата ја повикувам веднаш да го прифати истиот, бидејќи е во интерес на вработените на Министерството за внатрешни работи. Наводите изнесени на денешната прес конференција се паушални и се мотивирани од политички цели. Па така раководството на синдикатот кој треба да ги штити вработените во сите организациски единици обвинува дека вработените во мојот кабинет се дел од политички кабинет иако истите се долгогодишни и докажани професионалци и дел од нив биле вработени во Бирото за јавна безбедност, а истовремено се и членови на посочениот синдикат“,
вели Чулев.
Тој ги повика вработените во Министерството за внатрешни работи да проверат дали раководството на Македонскиот полициски синдикат ги застапува нивните права или пак работи по директива на власта.