Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го обвини неговиот претходник, премиерот Оливер Спасовски, дека одобрил набавка на 3 000 чизми кои не исполнувале 4 критериуми за квалитет, и за тоа МВР поднело поднесок до Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција.
На прес-конференција Чулев рече дека се работи за јавна набавка на три илјади пара полициски чизми од фирмата „Пинко Кирил“ ДООЕЛ, во вредност од 15 милиони денари, за кои две акредитирани лаборатории констатирале дека не ги задоволуваат барањата од техничката спецификација на МВР.
Рокот за испорака не е испочитуван, а договорот не е раскинат
Како што објасни Чулев, огласот од страна на МВР е објавен на почетокот на 2016 година, кога пристигнале три понуди, од кои е избрана „Пинко Кирил“ и во договорот е утврден рок за испорака на чизмите од 60 дена, а е наведено дека доколку не се испорачаат во договорениот рок, договорот се раскинува и се активира банкарската гаранција.
„Рокот за испорака не е испочитуван, ниту договорот не е раскинат, а не е активирана банкарската гаранција, туку постапката за испорака на чизмите продолжила во понатамошна фаза“,
рече денеска Чулев.
На барање на стручните служби во МВР да се направи контрола на квалитетот на чизмите, две акредитирани лаборатории, од кои една странска, констатираат дека има отстапувања по четири критериуми односно параметри.
Чулев потенцира дека МВР имало обврска да го раскине договорот, да наплати банкарска гаранција и да спроведе нова постапка за јавна набавка за полициски чизми, но тоа не било направено, а дополнително за компанијата не била ставена ниту негативна референца.
Според Чулев, тогашниот помошник министер му доставил информација на Спасовски за целата постапка во која биле наведени пропустите, по што ексминистерот за внатрешни работи сепак дал насока договорот да не биде раскинат и чизмите да бидат испорачани.
„Една година по истекот на законскиот рок во МВР се врши прием на чизми, а од страна на компанијата добавувач до МВР е доставена фактура. Одделот за финансиски прашања констатира дека не може да биде платена поради непостоење активен договор односно дека договорот е направен во претходната буџетска година. Потоа од страна на МВР е изготвен анекс на договорот, по кој е направена исплатата“,
рече Чулев, додавајќи дека целата постапка е грубо кршење на одредбите на Законот за јавни набавки.