Министерството за здравство упатува повик до граѓаните да разговараат со своите најблиски за дарувањето органи, посочувајќи дека изразената волја им ја олеснува одлуката на семејствата во тешки моменти

Годинава на Универзитетската клиника за урологија се извршени 15 трансплантации на бубрег, а до крајот на декември се планирани уште три од жив дарител. Ова денеска го кажа министерот за здравство Сашо Клековски додавајќи дека оваа бројка е поголема од ланските 11 трансплантации на бубрег.
Тој денеска беше во посета на пациенти на кои неодамна им биле трансплантирани бубрези, двајца од починат дарител и еден од жив дарител.
„Најголемата благодарност му ја должиме на семејството на починатиот дарител. Во најтешкиот момент тие донесоа одлука која на двајца наши сограѓани им враќа живот без дијализа. Тоа е чин на исклучителна хуманост, за кој нема доволно зборови. Благодарност и до живиот дарител, кој дел од себе им подари на своите најблиски“,
рече Клековски.
При посетата, како што информираат од Министерството за здравство, Клековски бил придружуван од националната координаторка за трансплантација проф. д-р Билјана Кузмановска, директорот на Клиниката за урологија д-р Башким Шабани и директорот на Клиниката за нефрологија д-р Никола Ѓорѓиевски.
Клековски им се заблагодарил и на медицинските тимови од клиниките за урологија и нефрологија, како и на сите вклучени во процесот на координација на дарувањето.
„Секоја трансплантација е резултат на доверба, тимска работа и посветеност. Продолжуваме да ја зајакнуваме мрежата за трансплантација и да ја поттикнуваме свесноста за дарување органи, бидејќи многу пациенти сè уште чекаат на својата шанса“,
рекол Клековски.
Министерството за здравство упатува повик до граѓаните да разговараат со своите најблиски за дарувањето органи, посочувајќи дека изразената волја им ја олеснува одлуката на семејствата во тешки моменти.
