Товарот треба да падне на т.н. парамедици – медицински сестри кои ќе поминат обука на Медицинскиот факултет во Скопје. „Тоа не значи дека нема да има воопшто доктори во Итната медицинска помош – тие може да бидат достапни за бекап, за ‘план Б’, за телеводење на работите“, вели министерот за здравство Сашо Клековски во изјава за „360 степени“
Дел од реформата на Итната помош е и набавката на 100 амбулантни возила, кои беа промовирани неделава. Сепак, тоа не го решава проблемот на големиот недостаток на кадар
Кога секоја секунда е важна, доволни се само неколку за операторите во диспечерскиот центар на Итна медицинска помош да ги соберат клучните информации – каде се наоѓа пациентот, што му се случува и колку е итна состојбата.
„Итна помош повелете. На Илинденска каде точно? Кажете ми дали е свесен пациентот?“
По приемот на повикот, следува одлуката – кој тим ќе биде испратен и за колку време може да стигне.

„Екипата на доктор Мемеди, Сашка и Хузри имаат итна покана – сообраќајка“,
одекна повикот на разглас.
Медицинскиот тим се состои од лекар, сестра и возач. Најголемиот предизвик за нив е да стигнат што е можно побрзо.

„Рекоа нешто податоци дали е многу повреден пациентот? – Велосипедист бил и крварел од глава. – Дали е свесен? Па свесен е – да“,
беше дел од разговорот во амбулантното возило.
Екипата на Мемеди пристигна до местото каде беше пријавено дека се наоѓа повредениот велосипедист за помалку од три минути. Локацијата беше на околу два километри оддалеченост од „базата“ на Итната медицинска помош, а среќна околност беше и намалениот интензитет на сообраќај во утринските часови за време на летниот период.
Ова интервенција е само илустрација за условите во кои работи Итната помош. Какви се тие можеби најдобро кажува фактот дека има огромен недостаток на кадар. Во моментов, Скопје се покрива со шест медицински тимови во дневната смена, а во ноќната пет, вели раководителката на Итната медицинска помош, д-р Анита Димовска.

„Далеку сме од оној просек на потребни екипи којшто треба да е и до 15 во смена за да се покрие целото население во градот. Скопје е веќе метропола, милионски град во којшто гравитираат и голем дел од населението коешто живее надвор од Скопје. Работните денови се секако потешки за екипите на службата за Итна медицинска помош, како од пробивањето по сообраќајниците, така и од бројноста на населението во работните денови“,
вели д-р Анита Димовска, раководителка на Итната медицинска помош.
„360 степени“: Колку е статистиката на повици кои ги прифаќате од сите оние кои ќе ги добиете?
„Во еден период, 2015-2016 кога имавме поголема бројка на приеми на доктори, медицински сестри и возачи и кога имавме 12-13 тима во една смена, тогаш бројката на реализирани интервенции достигнуваше до 120. Овој период кога сме со пет тима,бројката е во просек околу 50-60 што не значи дека останатите 60 до 120 немале потреба од итната медицинска помош меѓутоа со овој капацитет кој што го имаме навистина се прави една хиперселекција за најитните пациенти каде животот е во прашање ќе бидат на време згрижени во соодветните установи“,
објаснува Димовска.

Во јуни годинава Владата го прифати предлогот на Министерството за здравство – Итната медицинска помош да прерасне во посебен центар. Целта, како што беше посочено, е воспоставување поефикасен и поодржлив систем за итен медицински одговор, скратување на времето на интервенција и унапредување на капацитетите за спасување животи.
Според Димовска, дополнителен бенефит ќе биде можноста за нови вработувања но и специјализации по ургентна медицина кои ќе ги обврзат лекарите да останат да работат во Брзата помош.
„Голема бројка од докторите коишто се вработуваа кај нас, по завршување на специјализација си одеа во соодветните специјалистички ординации. Со новиот проект којшто е инициран од Министерството за здравство, а доби полна поддршка од Владата, се предвидува сите овие проблеми да се надминат со тоа што службата за Итна медицинска помош ќе прерасне во еден Центар за Итна медицинска помош — самостоен центар кој ќе овозможи прием на нови вработувања (доктори, медицински сестри и возачи), меѓутоа истовремено и доделување на специјализации по ургентна медицина. Тоа ќе ги обврзе нашите доктори коишто ќе ја земат таа специјализација и коишто ќе се вработат во оваа институција, понатака да не можат да мигрираат во друга здравствена установа“,
посочува Димовска.

Освен одвојувањето на Итната медицинска помош од Здравствениот дом, има уште два столба кои се темел на реформата, вели министерот за здравство Сашо Клековски. Тоа е набавката на нови возила и воведување систем на т.н. парамедици.
Клековски неодамна се врати од Словенија, каде беше во посета на Диспечерскиот центар на Итната медицинска помош во Љубљана. Вели дека тамошното искуство покажало дека во 80% од интервенциите нема потреба од лекар.
“Оттука е нашата одлука да тргнеме во насока каде што во тимот на Итната медицинска помош ќе биде составен од медицинска сестра која ќе има дополнителна обука за парамедик на Медицинскиот факултет во Скопје (веќе ја подготвуваме програмата). Тоа не значи дека нема да има воопшто доктори во Итната медицинска помош – тие може да бидат достапни за бекап, за „план Б“, за телеводење на работите (тоа е една од опциите што ја разгледуваме). Меѓутоа, еден дел од докторите сакаме да ги префрлиме во ургентните центри во болниците, бидејќи во основа Итната медицинска помош треба да ја гледаме заедно со тоа каде ќе возат тие итни медицински помоши, а тоа се ургентните центри во болниците каде што се достапни“,
вели министерот за здравство Сашо Клековски.

Со реформата на Итната медицинска помош планот е да се воведе и посебен систем на Ургентни центри за прием на пациентите. Бидејќи успешната интервенција не завршува само со пристигнувањето на екипата, туку е важно и дали пациентот навреме стигнал таму каде што може да биде спасен.
Во Словенија, вели Клековски, многу помага и тоа што е воведен посебен модел за тријажа, каде повиците се класифицираат по итност.
„Црвена зона – каде што е неопходна реакција веднаш; жолта зона – каде што трпи одлагање од 1-2 часа, зелена зона – каде што може посетата да се направи утредента, не е неопходна веднаш. И ова исто така многу помага да ограничените ресурси – бидејќи и Словенија има ограничени ресурси, ресурсите не се неограничени – помага правилно да се употребат ресурсите. Мислам дека се тие две важни работи за зголемување на ефективноста на работата на Итната медицинска помош“,
додава Клековски.
Предлогот за реформа се уште се анализира во рамки на работна група.

Според состојбата во која се наоѓа Итната помош, во моментов се чини второстепено дали ќе се примени словенечкиот модел или Македонија ќе избере нешто поразлично. Што и да се прави, треба да се случи што поскоро. Зашто, ако се направи тријажа на потребата од реформа на Итната медицинска помош, повикот веројатно ќе оди во црвена зона – знак за неопходна реакција веднаш.
