Од Здружението бараат итни и системски мерки за кадровско зајакнување, соодветно финансирање и дигитализација на судските процеси. Според нив, реформите не треба да останат само на хартија, туку да донесат конкретни и мерливи резултати
Здружението на судиите го оценува како загрижувачки извештајот на Судскиот совет за работата на судовите во 2025 година и посочува дека недостигот на судии, судска администрација и финансиски средства сериозно го отежнува функционирањето на правосудниот систем.

„Извештајот јасно и недвосмислено ја отсликува алармантната состојба во која е доведена судската власт како трета власт во државата. Податоците за недоволната пополнетост на судиските места, драстичниот недостиг на судска администрација и ограничените буџетски средства не се само статистички показатели туку сериозно предупредување за функционалноста на правосудниот систем и неговата способност навремено да им обезбеди правда на граѓаните“,
се вели во соопштението од Здружението.
Оттаму велат дека загрижува фактот што, и покрај постојаното најавување реформи, донесувањето нови стратегии и менувањето на законската регулатива, реалните услови за работа во судовите континуирано се влошуваат.
„Бројките од извештајот покажуваат дека нормативните промени, доколку не се проследени со соодветни ресурси, кадровско зајакнување и функционални решенија, не само што не гарантираат подобрување, туку не успеваат да го спречат понатамошното влошување на состојбите“,
посочија оттаму.
Додаваат дека реформите не треба да останат само на хартија, туку да донесат конкретни и мерливи резултати.
Меѓу приоритетите што ги посочуваат се преиспитувањето на судската мрежа, дигитализацијата и примената на вештачката интелигенција во судството, професионализацијата и кадровското екипирање на судската администрација, како и обезбедувањето предвидливо и соодветно финансирање на судовите.
„Особено значајно е што во рамките на меѓународната поддршка за владеење на правото веќе се идентификувани конкретни насоки и можности за унапредување на состојбите. Меѓу нив се ревидирањето на судската мрежа врз основа на реалните потреби на граѓаните, примената на вештачката интелигенција и дигитализацијата на судските процеси, професионализацијата и кадровското зајакнување на судската служба, како и обезбедувањето финансиска независност преку соодветно и предвидливо судско буџетирање“,
пишува во соопштението.
Здружението нагласува дека судиите и покрај ограничените ресурси продолжуваат да постапуваат по предметите и да работат на намалување на заостанатите предмети, но оти за независно и ефикасно судство се неопходни соодветни услови за работа и координирана акција на надлежните институции.
„Затоа, потребни се итни, применливи и мерливи мерки, засновани врз реалните потреби на судовите, позитивните практики во системот и препораките од релевантните меѓународни извештаи. Реформите мора да бидат резултат на стручни анализи, институционален дијалог и долгорочна визија, а не на краткорочни политички цели и декларативни заложби“,
велат од ова Здружение.
Здружението на судиите повикува на координирана акција од надлежните институции за надминување на проблемите во судството. Оттаму посочуваат дека обезбедувањето функционално, независно и ефикасно судство е заедничка одговорност на сите институции.
„Правдата не може да биде ефикасна без судии, без професионална судска служба и без соодветни ресурси. Судството не смее да биде оставено да опстанува на работ на своите можности, додека од него се очекува да ги исполнува сите обврски кон државата и граѓаните“,
порачуваат оттаму.
Изразуваат подготвеност активно да учествуваат во процесите за унапредување на судскиот систем.
