Од МВР упатуваат апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот
Утре со почеток од 8 часот дел од главниот град ќе биде под посебен сообраќаен режим поради одржување атлетска трка по повод Денот на македонската револуционерна борба, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Трката насловена како „Атлетска трака 23 Октомври“, во организација на Атлетски клуб ќе започне од паркот „Жена борец“ на улицата „11 Октомври“, спроти Собранието, а трасата ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“ преку Камениот мост, потоа лево по улицата „Иљо Војвода“ и тротоарот на мостот „Гоце Делчев“, по што ќе продолжи лево по кејот на реката Вардар до обележано место. Оттаму учесниците ќе се вратат назад трчајќи по истата патека сè до целта пред споменикот „Основачи на ВМРО“ во паркот „Жена борец“.
Како што информираат од МВР, Единицата за безбедност на патниот сообраќај, во рамките на мерките, сообраќајот ќе го пренасочуваат по околните сообраќајници додека трае трката.
Од Министерството упатуваат апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
