Таа најави дека доказите поврзани со ДНК ќе бидат дополнително разгледувани на следното рочиште, кога треба да сведочи вешто лице предложено од Обвинителството
Од друга страна, бранителот на обвинетиот судија Ѓоко Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, смета дека случајот се води на, како што кажа, „жими мајка“, бидејќи во текот на процесот лице во чија куќа се најдени парите тврдеше дека тие се негови
Обвинителката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи-Василева, по завршувањето на рочиштето од судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов го коментираше сведочењето на вештото лице предложено од одбраната. Таа смета дека одбраната на овој начин се обидела да направи спин со поврзување на ливчињата испишани од мајката на Риство со неговите ДНК-траги најадени на фолиите во кои биле замотани 350 000 евра скриени во семејниот дом во Неготино.

Обвинителката посочи дека, според вештачењето, ливчињата кои се дел од доказниот материјал се најдени како дел од парите и придружниот материјал кон банкнотите, а се испишани од мајката на обвинетиот Ристов.
Според обвинителката, одбраната се обидела да создаде теза за можна контаминација, односно дека дошло до пренесување на ДНК преку допирање на предметите, оценувајќи ги ваквите наводи како хипотетичко и фантастично сценарио.
„Одбраната се обиде да направи спин, поврзувајќи ги овие ливчиња испишани од Донка, мајката на Ѓоко, со ДНК-материјалот најден на фолии, кој е директно на обвинетиот Ѓоко. Веројатно спинот беше во линија на некаква контаминација, но тешко е да поверуваме дека Донка ги допирала или триела ливчињата од обвинетиот Ѓоко, па теоретски да дојдеме до некое хипотетичко и фантастично сцеснарио дека оттука доаѓа пренос на ДНК-материјалот“,
кажа обвинителката Хаџи-Василева во изјавата за медиумите.
Таа најави дека доказите поврзани со ДНК ќе бидат дополнително разгледувани на следното рочиште, кога треба да сведочи вешто лице предложено од Обвинителството.
„Затоа постојат правила, тие секако веројатно ќе бидат коментирани и предмет на наредната расправа, бидејќи тогаш ќе имаме вешто лице кое го бара Обвинителството, а ќе сведочи во однос на ДНК“,
изјави обвинителката.
Хаџи-Василева се осврна и на исказот на таткото на сопругата на обвинетиот судија Ѓоко Ристов, кој пред судот денеска сведочеше за купопродажба на стан во Скопје од 150 квадратни метри, вреден 140 илијади евра.
Според него, во финансирањето за купопродажбата и уредувањето на станот учествувале родителите на Ристов и родителите на неговата сопруга во сооднос пола-пола, а 70 илјади евра, како што кажа тој, ги дал во готовина.
Обвинителката кажа дека ова сведочење не заслужува особен коментар, бидејќи исказот се однесува на факти кои се целосно неспорни и не се директен предмет на обвинението.
Сведочењето на таткото на сопругата на судијата Ристов, главно се однесувало на семејни околности, вклучително и на наследување имиња, што, како што оцени, нема доказна, ниту правна релеватност за предметот.
Од друга страна, бранителот на обвинетиот судија Ѓоко Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, смета дека случајот се води на, како што кажа, „жими мајка“, бидејќи во текот на процесот лице во чија куќа се најдени парите тврдеше дека тие се негови.

„Најдени пари во куќа и ѕид на друго лице, тврди дека се негови, при што вели дека не постои ниту еден коруптивен предмет кој јас можам да го кажам и од каде што се земени парите. Арно ама, ние веќе неколку месеци водиме постапка на жими мајка“,
изјави адвокатот Давидовиќ за медиумите.
За потсетување, на претходното рочиште пред судот на предлог на одбраната сведочеа родителите на Ристов, кои рекоа дека 350 000 евра што беа пронајдени заѕидани во кујната во нивниот семеен дом во Неготино се нивни и заработени низ годините од продажба на земјоделски производи. На прашањето на судијката Биљана Коцева зошто на парите и фолиите во кои биле завиткани нема нивни ДНК-траги, но се најдени траги од нивниот син Ѓоко Ристов, тие рекоа дека „нема шанси“, односно дека не веруваат во такво нешто.
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов е обвинет за прикривање имот и перење пари, откако при претрес извршен во домот на неговите родители, извршен на 18 јанунари годинава, истражните органи пронајдоа 13 поединечни пакувањ со вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел на дел имало рачно испишани износи на средствата. Според Обвинителството, осомничениот судија во периодот од 10 февруари 2020 година, како службено лице судија во Апелацискиот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи.
