Капиталните расходи се намалуваат за 6,3 милијарди денари во однос на јулскиот ребаланс, додека дефицитот останува на 4,1 отсто од БДП. Советот предупредува на промена на буџетската структура од развојна во социјална и на сè потесен простор за нови трошоци
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека измените се одговор на променетите економски услови и на мерките за заштита на граѓаните. Предлогот е во собраниска постапка, а вчера почна амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет

Со вториот предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година се намалуваат капиталните инвестиции, но се задржува зголемениот буџетски дефицит, поради што дел од задолжувањето се користи за тековна потрошувачка. Ова е една од главните забелешки на Фискалниот совет во мислењето доставено до Собранието, во кое предупредува дека измените не ги менуваат само износите на приходите и расходите, туку и приоритетите на државната каса.
Фискалниот совет има законска обврска да ги анализира предлозите за буџет и ребаланс и да даде независно мислење за нив, а мислењето е потпишано од претседателот на Советот, академик Абдулменаф Беџети.
Советот посочува дека со јулскиот ребаланс зголемувањето на дефицитот било оправдувано со потребата од поголеми капитални инвестиции. Со вториот ребаланс, парите за таа намена се враќаат на првично планираното ниво, но дефицитот останува за околу седум милијарди денари повисок од оној во почетниот буџет.
„Со други зборови, во однос на иницијалниот Буџет, целото зголемување на расходите од +6,3 милијарди денари се однесува на тековните расходи, па дефицитот над 3% од БДП повеќе не се финансира за капитални инвестиции, туку за тековна потрошувачка“,
е наведува во мислењето на Фискалниот совет.
Помалку приходи и инвестиции, повеќе пари за социјални трансфери
Со предлогот, вкупните приходи се планираат на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари. И приходната и расходната страна се намалуваат за околу 5,3 милијарди денари (86 милиони евра) во однос на јулскиот ребаланс.
Буџетскиот дефицит останува 46,3 милијарди денари (околу 750 милиони евра), односно 4,1 отсто од БДП. Во првично усвоениот буџет тој изнесуваше 39,2 милијарди денари (околу 640 милиони евра), или 3,5 отсто од БДП.
Најголемото намалување на приходната страна е кај акцизите – за околу 3,8 милијарди денари (62 милиони евра), на 30,4 милијарди денари. Неданочните приходи и донациите се намалуваат за вкупно околу 1,9 милијарди денари. Приходите од ДДВ, пак, се зголемуваат за 364 милиони денари, додека проекциите за придонесите, данокот на личен доход, данокот на добивка и царините остануваат непроменети.
На расходната страна, капиталните расходи, заедно со ставката КАПЕФ, се намалуваат од околу 46,5 на 40,1 милијарда денари, односно за 13,6 отсто. Тековните расходи, напротив, се зголемуваат за околу една милијарда денари во однос на јулскиот план.
Социјалните трансфери растат за околу 3,7 милијарди денари. Во нивни рамки, за пензии се предвидуваат дополнителни 1,34 милијарди денари, за социјални надоместоци 1,44 милијарди, а за здравствена заштита 887 милиони денари. Истовремено се намалуваат субвенциите и трансферите за околу 2,27 милијарди денари, а стоките и услугите за 384 милиони.
Дефицитот е поголем од капиталните расходи
Фискалниот совет предупредува дека планираните капитални расходи се за околу 6,14 милијарди денари (100 милиони евра) пониски од буџетскиот дефицит. Според неговата оцена, со тоа се нарушува „златното правило“ во јавните финансии – задолжувањето да се користи за инвестиции, наместо за тековни трошоци.

„Бидејќи планираните капитални расходи (40 124 милиони денари) се за 6 140 милиони денари пониски од проектираниот дефицит (46 264 милиони денари), дел од задолжувањето директно се користи за финансирање на тековни расходи, што претставува директно отстапување од ‘златното правило’ во јавните финансии“,
оценува Советот.
Во мислењето се посочува и дека дефицитот од 4,1 отсто ја надминува законската граница од три отсто од БДП. Советот потсетува дека законот дозволува отстапувања во исклучителни околности, но забележува дека економијата во првото полугодие забележала раст од 3,7 отсто. Оттаму оценува дека задржувањето на повисокиот дефицит произлегува од свесен избор за поддршка на инвестициите и јавните потреби.
До август веќе се искористени 82,5 отсто од годишниот дефицит
Дополнително предупредување е динамиката на трошењето. Според анализата на Советот, во првите осум месеци бил остварен дефицит од околу 38,2 милијарди денари, што претставува 82,5 отсто од годишниот план. Тоа остава простор од само околу 8,1 милијарда денари за последните четири месеци.
„Ова упатува на заклучокот дека динамиката од првите осум месеци наметнува значаен ризик од надминување на планираниот дефицит до крајот на годината, доколку не се обезбеди построга контрола врз реализацијата на расходите“,
предупредува Фискалниот совет.
Советот не утврдува акутен проблем во наплатата на основните даночни приходи до август, но укажува на ризици кај неданочните приходи и донациите. За да се оствари новиот годишен приходен план, во последните четири месеци би била потребна просечна месечна наплата од околу 35,9 милијарди денари – за 24,5 отсто над просекот од првите осум месеци.
И остварувањето на намалениот план за капитални инвестиции бара забрзување. Според пресметките во мислењето, од септември до декември би требало месечно да се реализираат околу 4,4 милијарди денари, односно 55 отсто повеќе од дотогашниот просек.
Поголемо задолжување и покрај непроменетиот дефицит
Иако дефицитот не се менува во однос на јули, планираното бруто-задолжување се зголемува за околу 11,3 милијарди денари, на 152,5 милијарди денари. Според Советот, најголемиот дел од зголемувањето е наменет за акумулирање средства на трезорската сметка.
Се менува и структурата на финансирањето: домашните извори се зголемуваат за 12,3 милијарди денари, а странските се намалуваат за околу една милијарда. Советот предупредува дека поголемото потпирање на домашниот пазар носи ризик државното задолжување да го истисне приватниот сектор од расположливото финансирање.
Во мислењето се наведува дека јавниот долг на крајот на јуни изнесувал 58,8 отсто од БДП, со што просторот до законскиот лимит од 60 отсто бил сведен на 1,2 процентни поени. Советот очекува надминување на оваа граница и укажува и на неизмирените доспеани обврски на јавниот сектор, кои надминуваат 700 милиони евра.
Кочоска: Ребалансот е одговор на новите услови и заштита на граѓаните
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги образложува измените со променетите економски услови и со фискалните ефекти од мерките за горивата. Нејзиниот став е дека ребалансот не произлегува од проблеми со ликвидноста, туку треба да обезбеди заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски и одржување на економската активност.

Намалените акцизи и ДДВ за дизелот, според министерката, значат помал приход за буџетот, но и поддршка за домаќинствата и компаниите. Кратењата кај капиталните проекти ги објаснува со пролонгираната реализација, додека уверува дека продолжуваат инфраструктурните инвестиции и поддршката за општините.
Владата ја задржува проекцијата за економски раст од 3,5 отсто, а очекуваната просечна инфлација е намалена од 4,5 на 3,8 отсто.
Фискалниот совет, пак, оценува дека претпоставката за релативно ограничени ефекти од енергетскиот шок е премногу оптимистичка. Според него, дел од ефектите се ограничени токму затоа што ги презема буџетот. Бара и јасна пресметка на вкупниот трошок од мерките за горивата, како и помошта да биде навремена, привремена и насочена кон најпогодените.
Предлогот е во амандманска расправа
Владата го утврди вториот предлог-ребаланс на 7 октомври. Вчера во собраниската Комисија за финансирање и буџет почна амандманската расправа во второ читање, за која се поднесени повеќе од 120 амандмани.
По комисиското разгледување треба да следува и одлучување на пленарна седница.
