Според информациите од Обвинителството, претрес бил извршен на работното место на осомничениот во Велес, каде што се пронајдени докази кои ќе бидат предмет на вештачење, а во меѓувреме надлежниот јавен обвинител од ОЈО Велес врши распити на оштетени и други лица кои би можеле да имаат сознанија за расчистување на случајот
Дополнително, велешкото Основно јавно обвинителство до судот доставило предлог на осомничениот да му бидат определени мерки на претпазливост – одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот, а, како што може се заклучи од соопштението, мерките се прифатени, а решението за нивно определување на лицето му било врачено во медицинска установа каде тој во моментов е хоспитализиран
Основното јавно обвинителство Велес оформило предмет и врши претреси во врска со случајот со велешанецот, кој, според тврдењата на граѓани, мамел лица болни од рак, продавајќи им наводни кубански вакцини.

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево соопштија дека се постапува против едно лице кое се сомничи за кривичните дела измама од член 247 и надрилекарство од член 209 од Кривичниот законик (КЗ), а во рамките на активностите се обезбедени наредби за претреси на повеќе локации.
„Се постапува за обезбедување докази во однос на сознанијата дека осомничениот, со намера да прибави противправна имотна корист, довел во заблуда повеќе лица, лажно нудејќи им ‘кубански вакцини’ против рак“,
наведуваат од републичкото Обвинителство.
Според информациите, претрес бил извршен на работното место на осомничениот во Велес, каде се пронајдени докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Од Обвинителството додаваат дека се одземени и електронски уреди, како и дека се преземаат и други дејствија на проверки.
Во меѓувреме, надлежниот јавен обвинител врши распити на оштетени и други лица кои, како што велат истражните органи, би можеле да имаат сознанија за целосно расчистување на случајот.
Дополнително, велешкото Основно јавно обвинителство до судот доставило предлог на осомничениот да му бидат определени мерки на претпазливост – одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот.
Како што може да се заклучи од соопштението на Обвинителството, мерките се прифатени, а решението за нивно определување на осомничениот му било врачено во медицинска установа каде тој во моментов е хоспитализиран.
Како што пристигнуваат дополнителни инфромации и сознанија, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи (МВР), се вели во соопштението, продолжуваат да преземаат дејствија за обезбедување докази.
Инаку, случајот со велешанецот кој им продавал наводни кубански вакцини на пациенти болни од рак, кој според досегашните сознанија се бројат во десетици, го објави „Слободен печат“. Според сведочењата на семејствата на пациентите, тие за една доза од таканаречената кубанска вакцина на велешанецот му плаќале 3 200 евра. Семејствата се сомневаат дека на нивните блиски всушност им бил аплициран физиолошки раствор бидејќи, како што сведочат, кога ќе влезел дома кај пациентот, ги криел иглите и амбалажата од присутните и одбивал да им го даде пакувањето од вакцината.
Велешанецот тврдел дека вакцината ја набавува од Србија, каде што наводно имало лиценцирани претставници. Претставникот на Кубанскиот институт за Србија, Зоран Вујовиќ, неделава за телевизијата Телма изјави дека никој не би смеел да ја продава вакцината ако нема дозвола за тоа. Вујовиќ вели дека никогаш не соработувал со велешанецот и оти се сомнева дека станува збор за измама.
Според него, станува збор за скапа терапија, која се аплицира на секои 15 дена по една инјекција, на лево и десно рамо, и на лев и десен колк, а се даваат пет тури. Како што вели, терапијата може да чини околу седум илјади долари.
„Но, ова кај вас мора да е измама. Транспортот мора да е во ладен синџир и темпратурата да биде од 2 до 8 степени. Значи, тие можеби нешто шверцуваат и убиваат луѓе“,
вели Вујовиќ.

Случајот го коментираше и министерот за здравство Сашо Клековски, кој апелираше на внимателност до граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање во средата тој кажа оти е свесен дека постои црн пазар на лекови и вакцини и ги повика граѓаните да користат медицински услуги само во здравствени установи.
„Знам дека кога граѓаните се соочени со тешка болест ги бараат сите можни начини да стигнат до оздравување. Меѓутоа, тоа отвора простор за многу хохштаплери и криминалци“,
изјави министерот за здравство.
Инаку, ова не е прв случај осомничениот велешанец да биде во судир со законот. Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, по пишувањата на медиумите потврдија дека лицето било пријавено и за измама на сопственик на фирма од Охрид, за што бил оформен предмет кој е во фаза на судење. Сепак, на првото рочиште, што било закажано на 7 октомври, обвинетиот не се појавил, а неговиот адвокат доставил медицинска документација дека тој е спречен да присуствува.
