„Се надевам дека многу скоро ќе го потпишеме пристапниот договор со Црна Гора. И Албанија напредува добро. Значи ова е вистинскиот момент и Северна Македонија да продолжи напред. Од политичарите на Северна Македонија зависи да ги исполнат очекувањата“, рече еврокомесарката по средбата со вицепремиерот и министер за европски прашања
Сали ја истакна потребата од попредвидлив процес на проширување, заснован на заслуги и мерливи резултати, нагласувајќи дека европската интеграција треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите
Уставните измени се чекорот што треба да го направи Северна Македонија за да го продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос по денешната те-а-тет средба со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали во Брисел.

Еврокомесарката упати директен апел до македонската Влада да ја исполни обврската во однос на уставните измени.
„Нема многу работи што треба да се направат. Има многу, но станува збор за еден чекор-уставните измени. Откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, ќе можеме да продолжиме без дополнителни политички одлуки. Затоа, ова е мојот апел до Владата: Ве молам, направете го тоа, исполнете ја вашата обврска. Сигурна сум дека тогаш ќе можеме да продолжиме напред, во најдобар интерес на вашите граѓани“,
рече таа во изјава за медиумите.
Актуелниот момент, како што кажа, е можност за напредок на Северна Македонија кон ЕУ, посочувајќи го напредокот на други земји од Западен Балкан.
„Се надевам дека многу скоро ќе го потпишеме пристапниот договор со Црна Гора. И Албанија напредува добро. Значи ова е вистинскиот момент и Северна Македонија да продолжи напред. Од политичарите на Северна Македонија зависи да ги исполнат очекувањата“,
изјави Кос.
Сали е во тридневна посета на Брисел, во рамки на која остварува средби со претставници на европските институции за прашања поврзани со евроинтеграциите и соработката со Европската Унија.
Од министерството со кое раководи вели дека на средбата со Кос, се разгледани и Планот за раст за Западен Балкан, спроведувањето на Реформската агенда и можностите за постепено вклучување на земјава во европскиот единствен пазар, програмите и политиките.

По средбата со еврокомесарката, Сали ја истакна потребата од попредвидлив процес на проширување, заснован на заслуги и мерливи резултати, нагласувајќи дека европската интеграција треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
„Европската интеграција треба да биде процес што граѓаните го гледаат, го чувствуваат и од кој имаат придобивки“,
вели тој.
Меѓу нив, како што вели, се учеството во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), можноста за проширување на моделот „Roam Like at Home“ и соработката во дигиталната трансформација.
