Од Дебарско-кичевската епархија соопштија дека средбата поминала во духот на евангелската љубов и взаемното почитување, без да наведат детали за разговорот. Таа се случува додека остануваат отворени разликите околу условите и нивното интерпретирање за МПЦ-ОА да добие томос за автокефалност од Вселенската патријаршија

Митрополитот дебарско-кичевски Георгиј денеска во Рим се сретнал со вселенскиот патријарх Вартоломеј, соопшти Дебарско-кичевската епархија.
Вартоломеј престојувал во италијанската престолнина по повод доделувањето почесен докторат по теологија на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“ – „Ангеликум“, на свеченото отворање на академската 2026/2027 година.
„Средбата претставуваше можност за лична средба и разговор, а во духот на евангелската љубов и взаемното почитување“,
наведуваат од епархијата.
Во соопштението не се наведува дали се разговарало за отворените прашања меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија, иако од фотографијата може да се претпостави дека станува збор за кратка куртоазна средба од нога, на која и да станало збор за суштински теми, тоа било само начелно.
Услови и интерпретации
Средбата се случува во услови на застој во односите и во процесот за добивање томос од Вселенската патријаршија, по историското примање на МПЦ-ОА во канонско и евхаристиско единство на 9 мај 2022 година, по Преспанскиот договор.
Со таа одлука беше надминат расколот, но не беше признаена автокефалност од Цариград. МПЦ-ОА на 5 јуни истата година неочекувано доби томос од Српската православна црква, додека прашањето за томос од Вселенската патријаршија остана отворено.
Разликите, според јавно достапните информации, се однесуваат на именувањето на Црквата, надлежноста врз дијаспората и односот кон Православната црква на Украина, која доби томос за автокефалност од Вселенската патријаршија.
Стефан ги оцени условите како неприфатливи
Архиепископот охридски и македонски Стефан, во изјава за ТВ Стар објавена во мај 2024 година, рече дека МПЦ-ОА би прифатила томос од Вселенската патријаршија, но поставените услови ги оцени како неприфатливи.

Според неговото тогашно тврдење, од Црквата се барало да се откаже од македонското име, да ја отстапи дијаспората и да ја признае украинската црква признаена од Цариград.
„Ако ни даде томос ние ќе го прифатиме, но условите кои ни се поставуваат се неприфатливи за нас“,
изјави Стефан.
Тој особено ги нагласи несогласувањата за името и дијаспората, порачувајќи дека името ѝ припаѓа на самата Црква, а прашањето за дијаспората тешко би добило позитивен одговор на барањата на Цариград.
Сепак, упатени во прашањето, велат дека Вселенската патријаршија е согласна името МПЦ-ОА да остане за внатрешна употреба, а името под кое нашата црква ќе општи со другите православни цркви да биде Охридска архиепископија. Впрочем, именувањето на црквата воопшто не беше предмет на амандмански измени на Уставот по Преспанскиот договор и промената на името на државата.
Во хронологијата на настаните треба да се наведе и дека Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА (во работен тесен состав) на 28 март 2023 година одлучи да не се сослужува со јерархијата на Православната црква на Украина „до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на Православието“, а надлежните владици беа задолжени да ги известат свештенството, монаштвото и верниците за одлуката. Подоцна, во февруари 2024 година, Синодот формира комисија за проучување на статусот на оваа црква, која во 2019 година доби томос за автокефалност од Вселенската патријаршија. Нема информации дали и што заклучила комисијата и дали за тоа расправал Синодот.
Кирил за „360 степени“: Томосот е подготвен
Поинаква перспектива за условите изнесе митрополитот на Имврос и Тенедос, Кирил, еден од најблиските соработници на патријархот Вартоломеј и задолжен за македонското црковно прашање, во интервју за „360 степени“ објавено на 13 април 2024 година.

Тој тврдеше дека Вселенската патријаршија сака силна и самостојна Охридска архиепископија и ги отфрли обвинувањата дека има намера да презема манастири или да ја потчини Црквата.
За името го бранеше црковното именување Охридска архиепископија, а за дијаспората тврдеше дека постојат решенија што би ги зачувале јазикот, традициите и пастирската грижа за верниците. Истовремено, го нагласи признавањето на Православната црква на Украина и сослужувањето со неа како важни за придвижување на процесот.
„Што е до нас, томосот е подготвен. Тој е подготвен“,
рече Кирил.
Според неговата тогашна оценка, дијалогот бил замрзнат поради неточни тврдења за намерите на Патријаршијата, а постигнувањето договор би го отворило патот за доделување томос.
