Бугарската национална телевизија објави дека против припадникот на Националната служба за обезбедување, Мартин Варадинов, е поднесено обвинение за инцидентот. Тој се товари за нанесување умерени телесни повреди, а доколку се докаже дека е виновен за случајот со новинарката, му се заканува затворска казна од две до 10 години, пишуваат бугарските медиуми
На обвинетиот му е одредено задржување од 72 часа, а Обвинителството на воениот округ – Софија поднело барање за определување мерка притвор. Надлежниот суд вечерва не го прифати барањето
Началникот на бугарската Национална служба за обезбедување (НСО), генерал-мајор Емил Тонев, поднел оставка до претседателката на државата Илијана Јотова по инцидентот со новинарката Соња Колтуклиева. Новинарката се здоби со повреди откако беше турната од припадник на службата, обидувајќи се да добие изјава претседателката на бугарскиот парламент Михаела Доцова, додека таа влегувала во автомобилот.

Дека шефот на НСО ја депонирал оставката попладнево за БНТ потврдиле од прес-службата на претседателката Јотово, која претходно денеска најави дека ќе побара одговорност од Тонев за настанот во кој учествуваше припадник на службата со која раководи.
За што е обвинет припадникот на НСО
Бугарската национална телевизија објави дека против припадникот на Националната служба за обезбедување, Мартин Варадинов, е поднесено обвинение за инцидентот. Тој се товари за нанесување умерени телесни повреди, а доколку се докаже дека е виновен за случајот со новинарката, му се заканува затворска казна од две до 10 години, пишуваат бугарските медиуми.
Според информациите, на обвинетиот му е одредено задржување од 72 часа, а Обвинителството на воениот округ – Софија веќе поднело барање до судот за определување мерка притвор на Варадинов. Вечерва Воениот суд во Софија не го прифати ова барање, така што Варадинов треба да биде пуштен да се брани од слобода.
Аргументите на Обвинителството за барањето на мерката биле дека тој го сторил делото додека ја извршувал својата службена должност, како и затворската казна што е пропишана за делото за кое се години.
Од друга страна, неговата одбрана навела дека Варадинов ја вршел својата службена должност кога реагирал откако, како што посочиле, апсолутно недозволено била отворена вртата на службениот автомобил на претседателката на парламентот и дека обезбедувањето во таков случај не може да предвиди дека станува збор за нешто друго, а не за напад на еден од првите луѓе на државата.
И обвинетиот пред судот побарал да му биде одредена полесна мерка за обезбедување присуство, бидејќи, како што изјавил, ги извршувал своите должности како што налагаат законот и правилниците на Националната служба за обезбедување.
„Барам полесна мерка, бидејќи сметак дека ги исполнив моите обврски, како што е пропишано со закон и правила“,
ја цитира БНТ неговата изјава пред судот.
Истрагата
Во моментов, како што пренесуваат тамошните медиуми, извршени се првичните истражни дејствија во врска со инцидентот, односно земен е исказ од повредената новинарка и од сведоци на настанот. Дополнително, за целосно рсчистување на случајот, ќе се анализираат и видеоснимки од настанот, ќе биде наредено потребно вештачење, како и други дејствија неопходни за истрагата.

Инцидентот предизвика остри политички реакции и повици за оставки на високи функционери. Реагираа од ГЕРБ-СДС, Демократи за силна Бугарија (ДСБ), ДПС – Нов почеток“ кои го осудија инцидентот и побараа оставка од претседателката на парламентот Михаела Доцова.
Претседателката на бугарскиот парламент, пак, изрази длабоко жалење за тоа што се случило, изјавувајќи дека сакала да разговара со новинарката насамо за да ѝ го пренесе своето мислење и да ѝ се извини за она што се случило, оценувајќи дека таквиот инцидент е апсолутно недозволив. Според неа, припадниците на Националната служба за обезбедување (НСО) постапуваат според утврдени протоколи и таа не може да влијае врз нивните одлуки и постапки.
Реакција на Синдикатот на бугарските новинари
За случајот реагираше и Синдикатот на бугарските новинари (СБН), од каде го осудуваат инцидентот во кој, како што велат, вработен во Националната служба за обезабедување ја соборил новинарката Соња Колтуклиева на земја. Оттаму ги повторуваат своите барања за измени во законите за заштита на новинарските права, новинарската работа и слободата на говорот. Она што се случило, од СБН го оценуваат како скандалозно и забележуваат дека никој од придружбата на претседателката на бугарскиот парламент не ѝ помогнал на повредената новинарка. Во исто време, од СБН нагласуваат дека новинарите имаат обврска да го почитуваат законот и да се придржуваат кон професионалните и етичките стандарди. Според организацијата, заштитата на новинарските права мора да оди рака под рака со строго почитување на законските норми, вклучително и правилата за безбедност на лицата кои држат високи државни функции. Според ставот на СБН, отворањето на вратата на автомобилот на претседателката на парламентот од страна на новинарката било прекршување на безбедносните правила, но реакцијата на обезбедувањето ја оценуваат како прекумерна. Од Синдикатот и посакуваат брзо закрепнување на Колтуклиева, додавајќи дека ги очекуваат резулатите од истрагата за случајот.
Бугарската платформа „Факла“ на својата фејсбук-страница објави разговор со новинарката Соња Колтуклиева од болницата каде таа е хоспитализирана. Во него таа се жали на болките што ги има во рамото и во главата, како последица на инцидентот и раскажува што се случило.
„Не може така да се постапува со новинари“,
вели таа во дел од разговорот.
Што се случи
Инаку, инцидентот се случи кога новинарката Соња Колтуклиева се обиде да постави прашање до претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова, додека таа влегува во автомобилот.
Новинарката ѝ постави прашање на Доцова зошто се спречени седниците на кои треба да се испитаат околностите околу помилувањето на Огњан Атанасов, познат како „Петричкиот Ескобар“, од страна на Илијана Јотова.
Потоа, припадник на НСО ја турка новинарката, која паѓа на тротоарот.
Колтуклиева првично е пренесена во Воено-медицинската академија во Софија, каде што била прегледана и пуштена на домашно лекување.
Сепак, новинарката денеска соопшти дека се наоѓа во друга здравствена установа, болницата „Света Софија“, каде го продолжува лекувањето.
Лекарите констатирале дека таа се здобила со повеќе повреди, меѓу кои исчашено рамо, а постојат и сомневања за потрес на мозокот.
