На видеото од инцидентот, објавено на социјалните мрежи, се гледа како припадник на обезбедувањето ја турка новинарката, по што таа паѓа на тротоарот. Колтуктиева останува да лежи на земја и по заминувањето на автомобилот на претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова. Неколку лица што се најдоа на местото на настанот пристапуваат кон неа, укажувајќи и помош
Бугарската новинарка Соња Колтуктиева вчера е турната од припадник на Службата за национална безбедност (СНБ), обидувајќи се да добие изјава од претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова, во моментот кога таа влегувала во автомобилот. Инцидентот се случил по состанокот на највисокото партиско тело на „Прогресивна Бугарија“, партијата на бугарскиот премиер Румен Радев.

На видеото од инцидентот, објавено на социјалните мрежи, се гледа како припадник на обезбедувањето ја турка новинарката, по што таа паѓа на тротоарот. Колтуктиева останува да лежи на земја и по заминувањето на автомобилот на претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова. Неколку лица што се најдоа на местото на настанот пристапуваат кон неа, укажувајќи и помош.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, таа првично е пренесена во Воено-медицинската академија, каде е прегледана и пуштена на домашно лекување. Сепак, новинарката денеска соопшти дека се наоѓа во друга здравствена установа, болницата „Света Софија“, каде го продолжува лекувањето.
Лекарите констатирале дека таа се здобила со повеќе повреди, меѓу кои исчашено рамо, а постојат и сомневања за потрес на мозокот.
Припадникот на СНБ што ја турна новинарката е приведен, откако претходно доброволно дал исказ за случајот.
Ова е видеото од инцидентот:
Политички реакции по инцидентот, опозицијата бара оставки
Инцидентот во кој бугарската новинарка Соња Колтуклиева беше турната од припадник на Службата за национална безбедност (СНБ) предизвика остри политички реакции и повици за оставки на високи функционери.
Од ГЕРБ-СДС побараа итен институционален одговор и политичка одговорност од претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова, повикувајќи ја да поднесе оставка.
„Неприфатливо е новинар да биде соборен на земја од постапките на обезбедувањето на претседателка на парламентот, а самата таа да го напушти местото на инцидентот без да преземе одговорност за она што се случило“,
се вели во партиското соопштение.
Оставка од Доцова побара и лидерот на Демократи за силна Бугарија (ДСБ), Атанас Атанасов, оценувајќи дека нападот врз новинарка во присуство на претседателката на парламентот е неприфатлив.
Лидерот на „ДПС – Нов почеток“, предводена од Делјан Пеевски, изјави дека инцидентот го покажува, како што рече, најгрдото лице на власта, критикувајќи го однесувањето на припадникот на Службата и рамнодушноста на Доцова и нејзината придружба.
Бугарската претседателка Илијана Јотова повика случајот целосно да се истражи.
Претседателскиот кандидат Андреј Ѓуров, пак, побара оставка од директорот на Службата за национална безбедност (СНБ), генералот Емил Тонев, оценувајќи дека поставувањето прашања до властите е основа на демократијата, а не закана за националната безбедност.
За инцидентот реагираше и лидерот на Преродба, Костадин Костадинов, кој го осуди постапувањето со новинарката, нагласувајќи дека несогласувањата не го оправдуваат насилството и непочитувањето. Во одделна реакција тој побара оставка и од претседателката Јотова, повикувајќи ја да се повлече од претседателската трка.
Со што ѝ се заканував на Михаела Доцова – прашува новинарката
По инцидентот во кој беше турната од припадник на Службата за национална безбедност, на својот фејсбук-профил се огласи новинарката Колтуклиева, соопштувајќи дека е хоспитализирана во болницата „Света Софија“.
Наведува дека се чувствува подобро и дека прима лекови против болки, но дека сè уште има силна главоболка и не може да чита ниту да разговара по телефон.
За состојбата со рамото, посочи дека медиоцинскиот тим денеска ќе одлучи дали ќе биде потребна операција или ќе се примени конзервативно лекување.
„Благодарам на Бога што ме остави жива! Беше брутално и сурово. Со што ѝ се заканував на Михаела Доцова?! Со еден телефон ли?“,
напиша Колтуклиева.
Упати и критики кон обезбедувањето на бугарскиот премиер Румен Радев, тврдејќи дека со години имало поплаки за нивното однесување, без соодветна реакција.
„Нека се радуваат што извесно време ќе бидам спречена да работам. Но, ќе се вратам“,
порача таа.
Според неа, во случајов не се работи за политика, туку на човечност.
