Станува збор за 20 решенија за распоредување и наредби за извршување работни задачи донесени од 11 јуни до 24 јули 2020 година, со што работниците ќе се вратат на претходните работни места
Дваесет решенија за распоредувања во МВР и наредби за извршување работни задачи што ги донел досегашниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев (предложен од ВМРО-ДПМНЕ) се поништени на денешната владина седница.
Ова е прва седница на Владата откако Чулев, согласно законите за влада и за избори, ја напушти функцијата по објавувањето на конечните резултати од изборите на 15 јули.
Како што соопштија од Владата, на денешната седница било прифатено барањето на в.д. министерот за внатрешни работи Агим Нухиу (од ДУИ – досегашен редовен заменик-министер во овој ресор) за поништување на решенијата за распоредување и наредбите за извршување на работни задачи што ги донесе претходниот министер. Образложението било дека тие решенија се донесени спротивно на Законот за Влада и на подзаконските акти во Министерството за внатрешни работи и на членовите 106, 107 и 154 од Законот за внатрешни работи и на членовите 36, 37, и 38 од Колективниот договор на МВР.
„Со оваа одлука на Владата се поништуваат 20 решенија за распоредување и наредби за извршување работни задачи донесени од 11 јуни до 24 јули 2020 година, со што работниците ќе се вратат на претходните работни места на кои биле распоредени“,
се наведува во владиното соопштение.
Од МВР вчера соопштија, исто така, дека во согласност со законските одредби за функционирање на т.н. техничка влада, повторно се вратени на старите раководни функции 14 раководни лица, кои беа сменети од ексминистерот Чулев.