За ВЈО Скопје во трка беа тројца кандидати, меѓутоа Фетаи преку електронска пошта најави дека се повлекува. На претседателот на Советот му кажала дека тоа е нејзина лична одлука, а тој пак, ѝ напоменал дека како Совет се тука да ја заштита во случај да има некакви притисоци. За нов шеф на гостиварското ВЈО, пак, ќе се одлучува помеѓу тројца кандидати, од кои едниот е доскорешниот член на Советот на јавни обвинители кој си поднесе оставка од членувањето непосредно пред седницата за избор
Две одложувања на седницата за избор, едно повлекување на кандидатура и една оставка од член на Советот на јавни обвинители за да може да влезе во трката, го одбележаа досегашниот процес за избор на нови шефови на вишите јавни обвинителства во Скопје и Гостивар.
Откако пропадна и денешниот втор обид за избор, двете обвинителства добија в.д. шефови.
Минатиот понеделник изборот се одложи бидејќи членовите немале време да ги разгледаат досиејата на кандидатите од кои дел пристигнале доцна. Претседателот на Советот, Антонио Јолевски, тогаш рече дека во тој временски интервал од час и половина, колку што чекаа новинарите за да почне седницата, барал неговите колеги да се запознаат со досиејата на кандидати за да може уште тогаш да гласаат и да изберат шефови, меѓутоа тие сепак на крајот одлучија да одложат за денеска за да имаат доволно време.
Денеска, пак, немаше кворум од осум членови бидејќи републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој членува по функција, во петокот бил задржан на лекување во болница.
Во меѓувреме, обвинителката Фатиме Фетаи, која лани во април беше избрана за виша обвинителка, ја повлече кандидатурата за шефица на ВЈО Скопје. Таа по мејл испратила известување, а Советот очекува од среда да поднесе и писмено известување дека се повлекува.

„Исконтактирав во петокот со неа, се јави вечерта после пладне и рече дека се наоѓа во странство и користи годишен одмор во петокот и денес (понеделник), утре е Ден на албанската азбука и таа ќе дојдела во среда во државата. Веројатно тогаш ќе поднесе и писмено бидејќи и укажав дека по мејл поднесувањето не е досега вообичаено да се повлекува кандидатура, никој досега така не повлекол освен како известување. Меѓутоа, тоа е нејзина волја и ќе видиме дали ќе поднесе и писмено, дотогаш само шпекулации ќе бидат од моја страна за причините. Таа не ми наведе причини“,
изјави денеска претседателот на Советот, Антонио Јолевски.
Според неговата изјава, и нему, исто како и на новинарите кои денеска се интересираа за повлекувањето на кандидатурата, му е чудно што Фетаи одлучила да се повлече сега во пресрет на вториот обид за избор на шеф, а не пред минатиот понеделник кога првично требаше да се направи изборот, но се одложи.
„Затоа и ја барав. И мене ми беше малку чудно и затоа и ја очекував да ми се јави. Меѓутоа, еве како што ми кажа била надвор од државата и не можев да остварам друг контакт освен оној по телефон“,
рече Јолевски.
А, дали Советот ќе се посвети повеќе на оваа тема бидејќи секогаш може да има заднински игри пред изборите, Јолевски одговара дека веќе на Фетаи и посочил дека ако има притисоци може да ја заштитат, меѓутоа таа рекла дека повлекувањето е нејзина одлука.
„Очекувам дека ако сака да ми каже или ако се вршат притисоци, затоа ѝ реков дека ’ние како Совет сме тука да ве заштитиме ако имате некои притисоци‘, меѓутоа рече ’ова е моја лична одлука‘. А дали и како ќе биде понатаму не можам да кажам. Доколку имаме какви било забелешки од нејзина страна односно да има некакви проблеми се надевам дека ќе ни каже за да можеме како Совет да ја заштитиме, да се казни ако некој врши влијание“,
рече Јолевски.

Фетаи беше една од трите кандидати за прв човек на ВЈО Скопје. Останатите двајца кандидати се нејзиниот колега Бурим Рустеми, кој со неа работеше и во СЈО, и досегашниот шеф Мустафа Хајрулахи, кој конкурираше за нов мандат. Хајрулахи на денешната седница беше назначен за в.д. шеф, бидејќи членовите на Советот се договорија како вршители на должност да ги постават досегашните шефови.
Од вишите, со в.д. ќе функционира и гостиварското обвинителство. Таму досега шеф беше Ислам Абази чиј мандат истече на 14 ноември, кога тој се пресели во шефовското столче во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Во трка за негов наследник во ВЈО Гостивар се тројца кандидати. Актуелната виша обвинителка во Гостивар Деса Пауновска, гостиварската обвинителка Душица Димитриеска која во моментов е в.д. шефица на ОЈО Гостивар и Фаик Арслани.

Арслани до пред 10 дена беше член на Советот на јавни обвинителни. Самиот си понесе оставка од членувањето во ова тело, а неговите колеги на седница на 11 ноември ја констатираа оставка. Оставката ја поднел на 23 октомври, а наредниот ден кандидатурата за шеф на ВЈО Гостивар.
„Само рече дека поднесува оставка“,
одговори денеска претседателот на Советот, Антонио Јолевски на прашањето дали Арслани кажал зошто поднел оставка.
Пред новинарите тој објасни дека според Закон, за некој да биде избран, не може да биде член на Советот на јавни обвинители. Тоа значи дека со поднесувањето оставка, Арслани ќе нема пречка да ја преземе функцијата доколку неговите доскорешни колеги во Советот го изберат за шеф на ВЈО Гостивар. Арслани стана член на Советот во август 2020, а претходно работеше како виш обвинител во Гостивар. Како виш, според неговата биографија, работи од ноември 2008, а претходно нема искуство како основен обвинител туку како адвокат во периодот од 2005 до 2008 година.
Покрај на ВЈО во Скопје и Гостивар, на иста седница треба да се изберат шефови и на основните обвинителства во Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци и Куманово. И таму денеска беа назначени вршители на должност додека да се изберат нови шефови.