„Нема место за поделби. Нема место за суети. Нема место за стоење настрана и чекање некој друг да ја заврши работата. Секој е важен. Секој е потребен. Силата на СДСМ никогаш не била во еден човек. Силата на СДСМ била во луѓето“, рече актуелниот градоначалник на Општина Центар во своето обраќање на седницата на Централниот одбор на партијата, на која беше избран на функцијата потпретседател
На состанокот, како што информираа од СДСМ на Фејсбук, се избрани и нови членови на органите на партијата
Повиците од новиот потпретседател на СДСМ доаѓаат откако претходно денеска претставниците на демократската платформа, поранешните функционери на СДСМ – Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка и поранешна министерка Славјанка Петровска на брифинг со новинарите најавија план за окрупнување на опозицијата и враќање на довербата кај граѓаните разочарани по неуспехот на ветувањата дадени во 2016-2017 година, воедно изразувајќи го своето незадоволство од актуелното раководство на СДСМ и претседателот на партијата Венко Филипче
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешниот состанок на Централниот одбор (ЦО) на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) е избран за нов потпретседател на партијата, соопштија оттаму.

Во објава на официјалниот фејсбук-профил, од СДСМ информираа дека на седницата за нови членови на Централниот одбор се избрани Верица Зурзуровска, Јане Велковски, Николче Мискоски, Александар Поповски и Владимир Михајловиќ. Како што е наведено во објавата, за член на Извршниот одбор е избран Александар Поповски, но не наведено дали станува збор за истиот кадар, кој е избран и за нов член на Централниот одбор.
Дополнително од Бихаќска велат дека на денешната седница на Централниот одбор се избрани и членовите на Советот на СДСМ, кој го предводи Ана Чупеска.
Новиот потпретседател на СДСМ и градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, во своето обраќање до своите сопартијци на седницата повика на сплотеност, меѓусебна доверба и заедничка работа.
„Не мора секогаш да мислиме исто. Не мора секогаш да се согласуваме. Но мора да знаеме што нè спојува. Тоа се нашите принципи, одбраната на социјалдемократијата и борбата за достоинствен живот на граѓаните“,
порача тој.
Герасимовски рече дека различното мислење не треба да биде причина за поделби, туку поттик партијата да стане посилна. Според него, првиот чекор кон враќање на довербата кај граѓаните е членовите повеќе да разговараат, да се слушаат и да работат заедно.

„Само сплотени можеме силно да се спротивставиме на режимот на ДПМНЕ. Само сплотени можеме да ги браниме нашите вредности. И само сплотени можеме повторно да ја вратиме довербата на граѓаните“,
изјави новиот потпретседател на СДСМ.
Заблагодарувајќи му се на претседателот Венко Филипче и на сопартијците за довербата, Герасимовски нагласи дека функцијата ја прифаќа со големо чувство на одговорност. Тој порача дека ќе биде отворен за секој член, за секоја добра идеја и за секоја критика што може да ја направи партијата подобра.
„Нема место за поделби. Нема место за суети. Нема место за стоење настрана и чекање некој друг да ја заврши работата. Секој е важен. Секој е потребен. Силата на СДСМ никогаш не била во еден човек. Силата на СДСМ била во луѓето“,
кажа тој, пренесе МИА.
Обраќањето тој го заврши со повик за сплотување и единство во партијата.
„Да се сплотиме. Да се исправиме. И да покажеме дека СДСМ има сила повторно да оди напред“,
рече Герасимовски.
Повиците од новиот потпретседател на СДСМ доаѓаат откако претходно денеска претставниците на демократската платформа, поранешните функционери на СДСМ – Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка и поранешна министерка Славјанка Петровска на брифинг со новинарите најавија план за окрупнување на опозицијата и враќање на довербата кај граѓаните разочарани по неуспехот на ветувањата дадени во 2016-2017 година. Рекоа дека нема да бидат нова политичка партија, ниту дека ќе прават независни листи за парламентарните избори, туку дека крајната цел на опозициското окрупнивање е победа над актуелната власт, чиј висок рејтинг, како што оценија, не е резултат на нејзините досегашни постигнувања, туку на слабата опозиција.
Емилијан Станковиќ и Андреј Петров оценија дека Венко Филипче е целосно некомпетентен да биде лидер на партијата и дека нема право да зборува оти не бил информиран за дејствувањето на платформата.
„Филипче не е претставник на членството на СДСМ, туку зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ, но прво ќе му ги кажеме на Филипче“,
рече Станковиќ додавајќи дека платформата нема поврзаност со екслидерот Зоран Заев.
Присутните на брифингот најавија дека следната рунда разговори на демократската платформа ќе се одржи в сабота во 12:05 часот.
Лидерот на СДСМ Филипче претходно денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со денешниот брифинг со медиумите на дел од членовите на СДСМ, на прес-конференцијата во Собрание рече нивните дејствија воопшто не се со добра намера, туку се водени од лични и финансиски интереси во соработка со актуелната власт.

Филипче посочи дека на сите членови вратите во партијата им се отворени за дебата и обединување, но одбивањето да влезат во внатрепартиска дискусија ги потврдува сомнежите дека ова движење има за цел да ја ослаби опозицијата.
Лидерот на СДСМ изнесе обвинувања дека дел од иницијаторите се директно финансирани од владејачките структури.
