Премиерот вели дека Владата е подготвена за предвремени избори доколку опозицијата поднесе иницијатива за распуштање на Собранието, иако редовните избори, како што кажа, се планирани за пролетта 2028 година
Владејачкото мнозинство би останало стабилно и доколку лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, ја напушти коалицијата, тврди премиерот Христијан Мицкоски отфрлајќи ги шпекулациите дека неговото евентуалното повлекување би можело да отвори простор за политички сценарија и предвремени избори.

Одговарајќи на новинарско прашање во вечерашното гостување во ТВ Телма за можноста за предвремени парламентарни избори во контекст на најавите на Димитриевски за напуштање на коалицијата поради прашањето за правосудниот испит, Мицкоски рече дека нема потреба да се бараат тајни договори и теории на заговор.
„И да ја напушти Максим Димитриевски, Владата има 61 пратеник, дури и повеќе од 61, ако така ги гледаме работите. Не барајте, нема потреба од теории на заговор или, пак, некакви сценарија“,
рече Мицкоски во гостувањето во Топ тема на Телма.
Премиерот нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се избрани од граѓаните за четиригодишен мандат и дека Владата се подготвува за редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година.
Сепак, рече дека доколку опозицијата поднесе иницијатива за распуштање на Собранието, владејачкото мнозинство ќе ја поддржи и ќе се оди на предвремени избори.
„Ако сакаат предвремени парламентарни избори, многу е едноставно. Здружената опозиција, СДСМ, Левица, ДУИ, поднесува барање во парламентот за распуштање, ние го поддржуваме и одиме на предвремени избори. Договараме датум, тоа е тоа. Се разбира, ако сме предизвикани, тогаш треба да се провериме. Ако граѓаните мислат дека опозицијата треба да ја добие довербата, тоа е тоа. Ние ќе одиме во опозиција, тие ќе бидат идната влада“,
кажа тој.
Во врска со најавените промени на дел од заменик-министрите, премиерот рече дека контурите на кадровските решенија веќе се утврдени и дека наскоро ќе бидат соопштени конкретни предлози.
Комуникацијата со лидерите на Влен, Билал Касами и Изет Меџити, ја оцени како одлична.
Мицкоски се осврна и на враќањето на Артан Груби и Перпарим Бајрами во земјава и негираше дека зад тоа стои политички договор.
„Смешно е воопшто да ме прашувате дали има некаков договор со ДУИ поврзан со враќањето на Артан Груби. Или не ме познавате доволно или не знаете како функционирам“,
додаде премиерот.
Пречекот на Груби со факли и извици „Кралот се врати“ го оцени како „чуден, декадентен и дегутантен“.
