Претходно, членовите на Советот беа затворени во друга канцеларија, па во салата за седници се појавија со задоцнување од час и половина. Јолевски пред новинарите рече дека доцнеле бидејќи инсистирал да ги разгледаат досиејата за да може да се изберат шефовите на обвинителствата за да не се одолговлекува работата
Пропадна денешниот обид за избор на шефови на вишите обвинителства во Скопје и Гостивар и на основните во Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци и Куманово.
На денешната седница Советот на јавни обвинители само формално го именуваше Ислам Абази за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а кога дојдоа на ред другите точки од дневниот ред, претседателот на Советот, Антонио Јолевски, предложи тука седница да прекине зашто членовите немале време да ги разгледаат досиејата и оценките за кандидатите што стигнале минатата недела, повеќето во петокот.
Претходно, членовите на Советот беа затворени во друга канцеларија, па во салата за седници се појавија со задоцнување од час и половина. Јолевски пред новинарите рече дека доцнеле бидејќи инсистирал да ги разгледаат досиејата за да може да се изберат шефовите на обвинителствата за да не се одолговлекува работата. Меѓутоа, тоа не било доволно време, па се договорија продолжение на седницата да одржат за една недела.
На прашање зошто зад затворени врати ги разгледуваа досиејата, а не на седницата пред новинарите и набљудувачите од невладиниот сектор, Јолевски појасни дека досиејата се тајни, со оглед дека во нив може да има информации што не смеат да се објавуваат во јавност.
Во меѓувреме, со обвинителствата што се без шефови, со оглед дека им е истечен мандатот на досегашните, ќе раководат нивните заменици.
Во јавноста веќе е познато дека кандидати за шеф на ВЈО Скопје се досегашниот шеф Мустафа Хајрулахи и двајцата обвинители од поранешното СЈО, Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми. Фетаи и Рустеми конкурираа за оваа позиција откако во април лани беа избрани за виши јавни обвинители.