Во Охрид, професорката на универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк и родена скопјанка, Светлана Мојсов, ја сподели научната приказна за откритијата што помогнаа да се развијат нови терапии за дијабетес и дебелина
По Охрид, следува Скопје: Мојсов ќе го добие орденот „8 Септември“, ќе одржи пристапна беседа во МАНУ и ќе биде прогласена за почесен професор на УКИМ
Од лабораториско откритие до лекови за кои денес зборува целиот свет – во таа приказна значајно место има Светлана Мојсов. Нејзината научна работа помогна да се отвори патот кон нова генерација терапии за дијабетес и дебелина.
Научничката родена во Скопје, а поради професијата на својот татко Лазар Мојсов, растена во Белград, деновиве е во Охрид. Учествува на конгресот на хемичари и технолози. Ја затекнавме меѓу колегите со кои го споделува искуството од истражувачката работа.

Нашата покана за интервју ја одби, но за науката што ја обележа нејзината кариера зборуваше од конгресната говорница.

„Многу благодарам само толку можам да ви кажам, благодарам што ме повикавте да го отворам овој конрес во Охрид. Мојот омилен град, имам тука многу пријатели и ми е многу мило што сум на овој конгрес. Останатото ќе биде на англиски јазик“,
порача Мојсов во воведното обраќање на македонски јазик.

Од Мојсов ја слушнавме приказната за откритијата што стојат зад денешните терапии што ги менуваат животите на милиони луѓе.
„Мојата докторска теза беше насочена кон развивање многу ефикасна синтетичка стратегија што ќе ни овозможи да синтетизираме глукагон и аналози на глукагон. Размислувавме дури и за инхибитори на глукагон, кои би можеле да станат нов третман за дијабетес. Синтезата мораше да биде ефикасна, а тие аналози требаше да се произведуваат со висок принос и со висок степен на чистота. Токму тоа го работев. Потоа продолжив да работам со д-р Мерифилд и развив втора, уште поефикасна синтетичка стратегија“,
истакна Светлана Мојсов, професорка на универзитетот „Рокфелер“, Њујорк.

За големината на Мојсов и нејзиниот придонес во науката, универзитетската фела не штедеше зборови.
„Tоа откритие е едно од ретките за кое се разговара и за време на вечера или на кафе. Тоа е доказ дека фундаменталната наука навистина може да го промени светот и да им помогне на луѓето да бидат поздрави. Работата на научници како професорката Мојсов е веројатно еден од најдобрите примери за младите луѓе овде – дека можат да го променат светот ако навистина сакаат да го направат тоа и ако работат за тоа“,
кажа Дејан Мираковски, ректорот на УГД.

И колегите хемичари не го криеја задоволството што на овој конгрес имаат можност да ја запознаат и да соработуваат со Мојсов.
„Честа да се биде во друштво на една од најскромните и најдобрите научнички, една од стоте највилјателни личности според магазинот ‘Тајмс’, е непроценливо искуство за сите нас“,
вели Рубин Гулабоски, професор на УГД.
Професорката Јасмина Петреска-Станоева од Институтот за хемија при УКИМ, која е една од организаторите на конгресот во Охрид, вели дека веќе имале соработка со Мојсов кога работеле на тема поврзана со жените во науката. Па не било изненеадување што таа веднаш ја прифатила поканата за учество.
„Ние се восхитуваме од нејзиното присуство тука. Таа е голем научник ама и една блиска, многу присебна жена. Така што, за нас нејзиното значење е огромно. Ние сме многу благодарни што таа прифати да дојде во Македонија и да учествува во овој конгрес. Нивото на конгресот значително го подигна… Нејзините истражувања се повеќе се искористуваат во различните области на медицината, не само во оземпик и обезноста, туку допираат и во други сегменти на медицината. Се надеваме дека имамае гостин кој во иднина ќе биде добитник на Нобелова награда“,
вели Јасмина Петреска-Станоева, професорка на УКИМ.

На когресот на хемичари годинава се присутни и студенти. Тие имаат можност отворено да разговараат со Мојсов и со неа да ги споделат предизвиците во своите анализи и истражувања.
„Таа го има најголемото откритие можеби за ГЛП хормонот и ние ќе имаме можност за дискусија со неа за што сме искрено возбудени зашто одбликсу ќе може да осознаеме кои биле нејзините предизвици кои ги имала во текот на нејзиното истражување да стигне до ‘Рокфелер’ Њујорк е сепак големо постигнување за некој од Македонија. Ние студентите имаме работено проекти и генерално знаеме како оди тој истражувачки процес, знаеме дека има потешкотии предизвици, сомневања и не интересира како таа се соочувала со тоа, некој совет да ни даде дали секогаш да се истера нашето мислење, некоја теза што ја имаме“,
вели Анастасија Хаџисмилева, претседателка на Здружението на млади хемичари.

Покрај професроката Мојсов, на Конгресот се присутни околу двесте други учесници. Темите на дискусија се поврзани со биохемија, електрохемија, фармација и заштита на животната средина.
За професосорт Рубин Гулабоски од УГД овој собир е и можност за размена на искуства со научници од светски истражувачки центри.
„Она што најчесто асоцира кога ќе кажеме електрохемија се некои батерии или постапки и процеси на корозии, меѓутоа она што ние го правиме е примена на електрохемијата во фармацијата и биомедицината. Развиваме специјални теории со кои што го опишуваме однесувањето на голем број лекови или ензими. Без нив ништо не функционира во живите организми. Сето тоа е склопено во една лекција каде што ќе се види дека со мали инвестиции и средства, но со мултипристап на повеќе сегменти од повеќе области, правиме нешто корисно за целото општество“,
порача Гулабоски.

Конгресот на хемичари и технолози ќе трае до 26 септември.
Од Охрид, Светлана Мојсов патува за Скопје. Претседателката Гордана Силјановска Давкова ќе ја одликува со орденот „8 Септември“. Во понеделник Мојсов ќе го одржи и своето пристапно предавање во МАНУ како член надвор од работниот состав, а на УКИМ свечено ќе биде прогласена за почесен професор. По светските признанија, оваа посета е можност и земјата од која потекнува да и оддаде почит за тој придонес.
