„Чудотворниот лек“ е само еден од описите на „оземпик“ кој стана познат како ефикасен начин за намалување на тежината, иако примарната цел му е справување со дијабетесот. Глобалниот тренд на земање „оземпик“ како начин за брзо слабеење ја зафати и Македонија – лекот може да се купи без медицинска дијагноза или рецепт. Но, тука доаѓа проблемот – дали е тоа безбедно? Експертите велат не и советуваат тој да се користи само под лекарски надзор
„Кај нас пациентите доаѓаат некогаш веќе со компликации настанати поради неадекватна примена на лекот. Започнале по препорака на својот пријател, колега, па и на неадекватно, недоволно едуцирани медицински лица. Едукацијата за правилен третман на овие пациенти трае и е неопходна, поради тоа што менаџментот и со негативните ефекти и со очекувањата на ефектите на лекот е голем. Ние, нашите одлуки не ги носиме врз основа на тренд, туку врз основа на многу испитувања“, вели за 360 степени супспецијалистот дијабетолог од Градската општа болница „8 Септември” во Скопје, Наташа Недеска-Минова
360°: Откритијата на Светлана Мојсов и на нејзините колеги често се опишуваат како револуционерни. Од вашето секојдневно клиничко искуство, каде најмногу се гледа промената што овие лекови ја донесуваат за пациентите со дијабетес?
Наташа Недеска-Минова: Ние со оваа молекула работиме повеќе од десетина години и нам ни е многу добро веќе познат ефектот што овој лек го има. На почетокот, кога го користевме како лек за третман на дијабетесот, како што минуваше времето, сфативме дека тука се случува нешто многу повеќе од само регулација на нивото на шеќер во крвта. Кај пациентите видовме дека навистина ја губат желбата за храна, им се намалува апетитот, им се намалува односот кон начинот на исхрана. И тоа направи многу голема разлика. Беше очигледно дека овој лек ќе донесе голема промена, дека ќе ја смени реториката која ние постојано им ја наметнувавме на пациентите – „јади помалку, движи се повеќе“. Беше очигледно дека не е баш така едноставно и дека позади тоа стои некоја биологија која почнавме да ја воочуваме и да ја сфаќаме благодарение на овој лек.
Овие лекови треба да се земаат само под лекарски надзор, вели Недеска-Минова
360°: Споменавте дека како втора појава на овој лек е неговото влијание врз телесната тежина на пациентите, или во делот на лекувањето на дебелината. Како проценувате кому навистина и колку му е потребен овој лек?
Наташа Недеска-Минова: Да, малку се искривија перцепциите со текот на времето дека може да се користи за губиток на килограм или два и така нешто. Одлуките за тоа кој треба да биде третиран ги носиме врз основа на плејада испитувања и интервју со пациентот – потребно е прво да ги осознаеме неговите навики, неговиот однос спрема храната, како живее, како се храни, како спие, што работи, колкави се неговите интелектуални можности, колкави се неговите финансиски можности. Затоа што дебелината е болест која е поврзана со начинот на исхрана, да, меѓутоа и многу повеќе – цела биологија за која и ние се доедуциравме во процесот на постдипломските студии, како во земјава така и во странство. Ни требаше време болеста да ја разбереме за да може да носиме одлуки за тоа кој пациент доаѓа предвид да се лекува на таков начин. Како што кажав, се земаат предвид не само актуелната болест поради која дошол — во случајов дијабетес, односно дебелина — туку и другите коморбидитети што произлегуваат од овие две болести и состојби.
360°: Во јавноста се создава впечаток дека со една инјекција неделно се решава проблемот. Меѓутоа, што сè треба да знае пациентот за ограничувањата и за ризиците што ги носи терапијата?
Наташа Недеска-Минова: Инјекцијата е еднаш неделно, но лекувањето трае многу подолго и има многу поголема ширина во однос на тоа. Тераписките одлуки ние ги носиме врз основа на една пирамида која ја градиме во текот на прегледот, ги имаме предвид сите бенефити и негативни ефекти кои ги има лекот. Во секој случај пациентот тоа треба да го знае и да биде адекватно информиран, затоа што и негативните ефекти на лекот произлегуваат и се поврзани, пак, со неговите животни навики, со животниот стил и така натаму. Лекот може да предизвика, како и сите други, одредени негативни ефекти, и покрај тоа што доминираат позитивните и е прилично и релативно безбеден лек. Она што треба да го знаат пациентите е дека треба да ги следат насоките на лекар. Во никој случај да не се осмелуваат да го земаат на своја рака зашто во тој случај се инсуфициентни и со протоколот за третирање и со информации за несаканите ефекти кои треба навреме да ги детектираат.
360°: Но, токму тоа се случува – популарноста на овие лекови отвора простор за нивно земање без лекарски надзор се со цел да се изгубат неколку килограми. Дали често се среќавате со вакви случаи на самоиницијатуивно земање на терапија без лекарски надозр?
Наташа Недеска-Минова: За жал, да. Кај нас пациентите доаѓаат некогаш веќе со компликации настанати поради неадекватна примена на лекот. Започнале по препорака на својот пријател, колега, па и на неадекватно, недоволно едуцирани медицински лица. Како што кажав, едукацијата за правилен третман на овие пациенти трае и е неопходна, поради тоа што менаџментот и со негативните ефекти и со очекувањата на ефектите на лекот е голем. Ние, нашите одлуки не ги носиме врз основа на тренд, туку врз основа на многу испитувања. Се земаат предвид сите перспективи. Така што, пред да се започне лекувањето, ние точно знаеме кого треба да лекуваме, која е нашата цел и во која насока треба да се движиме. Доколку не ги следиме тие препораки, па дури и ние, лекарите, доколку не советуваме и не целиме кон промена на животниот стил, начинот на исхрана, воведување физичка активност, сето тоа ќе се сведе само на краткорочна радост на докторот и на пациентот.