Според него, граѓаните мора да видат дека правилата се спроведуваат доследно и дека направените компромиси нема само да носат до нови барања за отстапки
Рече дека ЕУ останува природниот политички, економски и институционален дом, но додаде дека во земјата има работа во зајакнувањето на владеењето на правото, градењето поефикасни институции, поконкурентна економија и зголемување на довербата на граѓаните во сопствената држава

Фото: Принтскрин
Процесот на евроинтеграција трае надвор од секој разумен временски рок, рече претсетедателот на Владата, Христијан Мицкоски, во обраќањето пред Генералното собрание на ОН и ја повика Европската Унија да обезбеди предвидливост и почитување на правилата.
„Ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право – нешто што многумина го земаат здраво за готово – доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја. Донесовме навистина тешки одлуки. Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува. Но токму затоа, гледајќи на тие одлуки со временска дистанца и со јасна свест за реалноста, денес можам одговорно да кажам дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска“,
рече Мицкоски.
Тој упати повик до Европската Унија, кога веќе бара од помалите земји кандидатки да ги почитуваат нејзините правила, и таа самата да ги почитува правилата што ги поставила.
„Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина“,
додаде Мицкоски.
Според него, граѓаните мора да видат дека правилата се спроведуваат доследно и дека направените компромиси нема само да носат до нови барања за отстапки.
„Од нашите граѓани бараме да веруваат во соработката, во добрососедските односи, во компромисот и во заемната почит. Не можеме да им велиме на луѓето ‘Верувајте им на правилата’, кога гледаат дека правилата не важат еднакво. Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање. И не можеме да очекуваме доверба во меѓународните институции ако граѓаните почнат да веруваат дека нивната судбина почесто ја одредува политичката тежина на нивната држава отколку силата на заеднички прифатениот принцип“,
кажа премиерот.
Кредибилитетот на Унијата, рече тој, зависи од нејзината способност да се држи до правилата на сопствените процеси.
Според него, ЕУ останува природниот политички, економски и институционален дом, но додаде дека во земјата има работа во зајакнувањето на владеењето на правото, градењето поефикасни институции, поконкурентна економија и зголемување на довербата на граѓаните во сопствената држава.
Истовремено, рече тој, се очекува европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми, а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта.
„Ние сме мала земја, но, одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција. Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат. Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите. Држава што ја знае својата историја, но не е заробена во неа. И држава што не очекува другите да ја изградат наместо неа. За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност“,
рече Мицкоски.
Тој го цитираше генералниот секретар на ОН и неговото ставање акцент на народите, независно од нивната големина.
„Оваа година, генералниот секретар Антонио Гутереш нѐ потсети дека Повелбата започнува со зборовите: ‘Ние, народите’. И додаде: ‘Не ние, моќните. Не ние, победниците’. Во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури и кога е разочарана од неа. Затоа што алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни. А сите други зависат од нивната добра волја. Таков свет можеби за миг може да изгледа ефикасен. Но, никогаш не е стабилен“,
истакна Мицкоски.

Фото: Принтскрин
Мицкоски во обраќањето ги претстави трите главни стратешки определби на државата.
„Ние сме сојузник во НАТО. САД се наш стратешки партнер. Полноправното членство во ЕУ е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија“,
додаде премиерот.
Сепак рече дека јасноста „во нашите сојузи не значи вртење грб на светот – напротив“.
„Токму држава што е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара и да соработува со земји што имаат поинаква историја, поинакви интереси и поинакви политички погледи. На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат. Сојузи што преземаат одговорност. И меѓународни институции што остануваат простор за дијалог токму тогаш кога дијалогот е најтежок“,
рече Мицкоски во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.
Пред денешното обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, премиерот Христијан Мицкоски и владината делегација имаа средби со други лидери на држави и на влади, но и со членови на Конгресот и на администрацијата на САД.
Поврзани вести:
- Мицкоски и Вучиќ се сретнаа во Њујорк, разговарале за унапредување на соработката и заедничките интереси на двете земји
- Мицкоски и лидерите на земјите од Западен Балкан на средба со Калас во Њујорк – разговарале за заедничките приоритети
- Мицкоски се сретна со Пленковиќ и Курти во Њујорк
- Мицкоски на средба со Јанша во Њујорк: Заеднички интерес е пријателството да го преточиме во посилна економска соработка и инвестиции
- Мицкоски од Њујорк: ЕУ-интеграцијата е за реформа на институциите, а не за промена на идентитетот
- Мицкоски на средба со претставници на американската воена индустрија
- (ФОТО) Мицкоски на средба со Ландау: Можност македонските интереси да бидат слушнати во важните регионални и глобални разговори
- Мицкоски објави фотографии од средба со Рубио: Потврдена важноста на стратешкото партнерство со САД
- Нови можности за инвестиции и зајакнување на стратешкото партнерство во фокусот на средбите на Мицкоски во Вашингтон
- Мицкоски од Вашингтон: Со членови на Конгресот разговаравме за значењето на стратешкото партнерство со САД
