Според него, директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник

Премиерот Христијан Мицкоски за време на неговата посета на САД, во Њујорк разговарал со државниот секретар Марко Рубио. За разговорите со Рубио, Мицкоски информираше преку објава на неговиот фејсбук-профил каде има поставено и неколку фотографии. Од фотографиите може да се види дека заедно со Мицкоски е и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
„Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави“,
пишува Мицкоски во објавата.
Според него, директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник.
„Во период на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со нашите стратешки сојузници имаат уште поголема тежина. Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери. Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности“,
додава Мицкоски.
За време на досегашниот престој во САД, според објавите на социјалните мрежи, премиерот Мицкоски и владината делегација имале средби со американските институции, Конгресот и економскиот сектор. Средба имал и со главната директорка за политики и вршителка на должност главна директорка за развој на Американската корпорација за меѓународен финансиски развој – ДФЦ (DFC), Каролин Вик. Инаку ДФЦ е веќе присутна во земјава преку инвестицијата во проектот „Крстовдол“ во јавноста познат како „Антимон“.
Што се однесува до средбите на политичко ниво, премиерот со владината делегација во Вашингтон имал состанок со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Соединетите Држави и со конгресменката Клаудија Тени, која е копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот.
Серијата средби во Вашингтон, велат од Владата, е продолжување на нејзините заложби за зајакнување на стратешкото партнерство со САД, и негово преточување во конкретна економска соработка, нови инвестции и проекти од интерес за нашата држава.
Премиерот за време на посетата на Вашингтон, во разговор за Атлантскиот совет во Вашингтон, говореше за македонските евроинтеграции. Тој обвини дека за земјава ниту приближно не се почитува пристапот заснован на заслуги и дека на патот кон Европската Унија Македонија постојано се справува со билатерални прашања.
