Покрај средбите на политичко ниво, премиерот и владината делегација во Вашингтон имале состанок со главната директорка за политики и развој на Американската корпорација за меѓународен финансиски развој – ДФЦ (DFC), Каролин Вик, на кој се разговарало за можностите за продлабочување на соработката и потенцијални инвестиции во Македонија во повеќе области, а со посебен акцент на енергетиката и високите технологии
Продлабочувањето на стратешкото партнерство и отворање нови можности за економска и инвестициска соработка биле во фокусот на разговорите што премиерот Христијан Мицкоски и владината делегација ги имале со политички претставници и финансиски институции за време на досегашниот претстој во Соединетите Американски Држави (САД).

Како што соопштија денеска од владината прес-служба, Мицкоски со делегацијата остварил повеќе значајни средби со претставници на американските институции, Конгресот и економскиот сектор, меѓу кои и со главната директорка за политики и вршителка на должност главна директорка за развој на Американската корпорација за меѓународен финансиски развој – ДФЦ (DFC), Каролин Вик.
Од Владата наведуваат дека станува збор за институција со инвестициски капацитет од 205 милијарди долари и претставува, додаваат оттаму, значен инструмент на САД за мобилизирање приватен капитал и инвестиции во стратешки сектори.
„На средбата се разговараше за можностите за продлабочување на соработката и потенцијални инвестиции во Македонија во повеќе области, со посебен акцент на енергетиката, високите технологии и други стратешки сектори. DFC во своето работење посебен фокус става на енергетиката, современата инфраструктура и напредните технологии, а по проширувањето на нејзините овластувања располага со значително поголем капацитет за меѓународни инвестиции“,
се вели во соопштението.

Инаку, во понеделникот во гостување во централниот Дневник на МРТ 1, непосредно пред заминувањето во САД, Мицкоски потсети дека ДФЦ е веќе присутна во земјава преку инвестицијата во проектот „Крстовдол“ во јавноста познат како „Антимон“, наведувајќи дека оваа финансиска институција пројавила интерес и за други проекти, а намерата од наша страна, како што кажа премиерот, е „подлабоко да ги понудиме нашите капацитети“.
Што се однесува до средбите на политичко ниво, премиерот со владината делегација имал состанок со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Соединетите Држави. Со конгресменот Селф било разговарано за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, за заедничките интереси на двете земји, а станало збор и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областите од заемен интерес.
На средбата со конгресменката Клаудија Тени, која е копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот, било истакнато значењето на традиционално силните и пријателски односи меѓу Македонија и Соединетите Држави. Соговорниците се согласиле и за важноста на парламентарната соработка, политичккиот дијалог и размената на искуства меѓу двете земји.
Серијата средби во Вашингтон, велат од Владата, е продолжување на нејзините заложби за зајакнување на стратешкото партнерство со САД, и негово преточување во конкретна економска соработка, нови инвестции и проекти од интерес за нашата држава.
„Посветеноста кон унапредување на партнерството, почитувањето на заедничките вредности и градењето стабилни и долгорочни македонско-американски односи остануваат важен темел на соработката меѓу двете држави“,
велат од Владата.
Пред заминувањето во Вашингтон, Мицкоски изјави дека се предвидени и разговори со компании од воената индустрија, кои Владата сака да ги привлече да дојдат и да инвестираат во земјава. Во оваа насока, тој го спомена армискиот полигон „Криволак“, кој, вели, може да придонесе за подинамичен развој на македонската економија.
„Во фаза сме на изработка на нов закон со Министерството за одбрана, да го понудиме нашиот тренинг-полигон ‘Криволак’“,
рече Мицкоски во понеделникот во интервјуто на националниот радиодифузен сервис.
Во Вашингтон, како што наведе тој, предвидени се и средби со влијателни тинк-тенк организации, по што делегацијата ќе замине во Њујорк.
Таму, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, Мицкоски најави средби со голем број државници кои веќе се потврдени, а фокусот, како што посочи, ќе бидат оние со претставници од земјите во соседството, но, додаде, ќе бидат направени обиди и за билатерални средби со делегации од земји од Заливот.
