Дел од разговорите ќе бидат со компании од воената индустрија, кои Владата сака да ги привлече да дојдат и да инвестираат во земјава. Во оваа насока, тој рече дека ќе го понудат армискиот полигон Криволак, кој, како што наведе во вечерашното гостување во централниот дневник на МРТ1, може да придонесе за подинамичен развој на македонската економија
Прашан со каков став ќе настапи македонската делегација во однос на условот на Бугарија за уставни измени и нашата позиција за гаранции, Мицкоски рече дека Владата околу ова прашање води јасна политика и не ја менува својата позиција преку ноќ
Премиерот Христијан Мицкоски утре со владина делегација заминува во Соединетите Американски Држави (САД), каде, како што најави во вечерашното гостување во централниот Дневник на МРТ 1, ќе има средби на високо ниво во Сенатот, Конгресот и Стејт депратментот, но и разговори со финансиски институции и компании за конкретни проекти во енергетиката, високата технологија и воената индустрија.

Прва дестинација на Мицкоски и на владината делегација ќе биде Вашингтон, а потоа оттаму ќе заминат во Њујорк каде ќе учествуваат на годинешното Генерално собрание на Обединетите нации.
Премиерот најави дека една од средбите во главниот град на САД ќе биде со претставници на финансиската инстутиција ДФЦ (DFC), која, потсети, е веќе присутна во земјава преку инвестицијата во проектот „Крстовдол“, кој во јавноста е познат како „Амтимон“.
Според него, оваа институција пројавила интерес и за други проекти во енергетиката и напредната технологија, а намерата од наша страна, вели Мицкоски, е „подлабоко да ги понудиме нашите капацитети“.
Дел од разговорите ќе бидат со компании од воената индустрија, кои Владата сака да ги привлече да дојдат и да инвестираат во земјава. Во оваа насока, тој го спомена армискиот полигон Криволак, кој, вели може да придонесе за подинамичен развој на македонската економија.
„Во фаза сме на изработка на нов закон со Министерството за одбрана, да го понудиме нашиот тренинг полигон Криволак, зашто чувствуваме дека на тој начин можеме да имаме уште побрз и уште подинамичен раст на економијата“,
рече Мицкоски.
Во Вашингтон, како што наведе тој, предвидени се и средби со влијателни тинк-тенк организации, по што делегацијата ќе замине во Њујорк.
Таму, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, Мицкоски најави средби со голем број државници кои веќе се потврдени, а фокусот, како што посочи, ќе бидат оние со претставници од земјите во соседството, но, додаде, ќе бидат направени обиди и за билатерални средби со делегации од земји од Персискиот Залив.
„Во принцип, се ориентиравме на соседството, се разбира, тука е оној прием, нормално, од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави. Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски“,
рече Мицкоски.

Инаку, премиерот во неодамнешно интервју за американскиот портал „Брајтбарт“, говорејќи во контекст на економската соработка меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави (САД), Стратешкиот дијалог и преговорите за царините меѓу двете земји, изјави дека се надева дека за време на посетата на САД ќе има средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа или на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Прашан во вечерашното интервју дали на агендата е можеби и состанок со бугарската делегација, премиерот одговори дека до овој момент таква средба немаат во план.
Во однос на средбата на лидерите од Западен Балкан, што за време на генералните собранија на ОН во Њујорк вообичаено ја организира делегацијата на Европската Унија, Мицкоски потврди дека таков состанок е предвиден. Дали лично ќе учествува на него, рече дека ќе зависи од нивото на состанокот, односно ако е на ниво на шефови на држави или претседатели на влади ќе присуствува тој, а доколку е на министерско ниво, нашата земја ќе ја преставува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Прашан со каков став ќе настапи македонската делегација на тој состанок во однос на условот на Бугарија за уставни измени и нашата позиција за гаранции, Мицкоски рече дека Владата околу ова прашање води јасна политика и не ја менува својата позиција преку ноќ.
„Ние ставовите не ги менуваме инстант или преку ноќ, зашто кога градиме став, тоа е процес што долго трае. Антиципираме сè што можеме во тој момент, така што нашите ставови се повеќеслојни, не се ставови што ад-хок ги градиме, па по потреба ги менуваме. Не правиме такви естрадни потези, водиме јасна политика која нуди гаранции на подолг рок. Тоа е стратегијата што ја има оваа Влада“,
изјави премиерот.
Инаку, евроамбасадорот Михалис Рокас денеска најави оти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во наредните недели ќе го посети регионот, изразувајќи надеж дека тоа ќе даде дополнителен поттик за европската интеграција, но и одлучувачки чекор кон почнување на пристапните преговори на земјата со Европската Унија.
На дополнително прашање дали има информации за носење уставни измени со одложено дејство со цел одблокирање на интегративниот процес, тој рече дека не може да сподели такви информации во јавноста.
