Во однос на царините, премиерот открива дека е постигнат начелен договор меѓу Македонија и Соединетите Држави за нула царини на производите што земјава ги извезува во САД, и обратно, кој очекува најверојатно да биде потпишан во Белата куќа или во Стејт департментот
Премиерот се надева дека во рамките на овој план ќе ја посети Белата куќа и ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, или, пак, двајцата ќе се состанат на маргините на Гернералното собрание на ОН
Примерот Христијан Мицкоски се надева на средба со американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата посета на Њујорк претстојниов септември, каде што ќе учествува на годинешното Генерално собрание на Обединетите нации (ОН).

Мицкоски ова го вели во интервјуто за американскиот веб-портал „Брајбарт“, говорејќи во контекст на економската соработка меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави (САД), а во рамките на Стратешкиот дијалог и преговорите за царините меѓу двете земји.
Во однос на царините премиерот открива дека е постигнат начелен договор меѓу Македонија и Соединетите Држави за нула царини на производите што земјава ги извезува во САД, и обратно.
„Мислам дека беше пред една година кога ги започнавме преговорите со администрацијата на претседателот Трамп и постигнавме компромис. Воведуваме царинска стапка од нула отсто за увоз на производите од Соединетите Американски Држави на територијата на мојата земја, и обратно. Имаме нула царини кога станува збор за извоз на македонски производи во Соединетите Американски Држави“,
вели Мицкоски.
Надоврзувајќи се на темата, македонскиот премииер вели дека билатералниот договор најверојатно ќе биде потпишан наскоро, за време на неговото патување во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации. Неговите очекувања се делегациите на двете држави да имаат официјална средба на која ќе го потпишат договорот, додавајќи оти смета дека ова ќе даде додадена вредност на односите меѓу Скопје и Вашингтон.
Премиерот се надева дека во рамките на овој план ќе ја посети Белата куќа и ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, или, пак, двајцата ќе се состанат на маргините на Гернералното собрание на ОН. Оваа година Генералното собрание на ОН се отвора на 8 септември, а сесиите на високо ниво на кои се очекува да учествува премиерот Мицкоски се предвидени од 22 до 28 септември.
Во тој контекст, Мицкоски се надева на уште поголема соработка меѓу САД и Северна Македонија во наредните месеци.
„Бидејќи патувам за Генералното собрание на ОН оваа година, можеби ќе биде добра можност да го потпишам овој билатерален договор или во Белата куќа или во Стејт департментот. За нас ова е многу важно, а мислам дека и за Соединетите Американски Држави е многу важно затоа што со зголемување на нашата економска соработка ќе се зголеми и билатералната соработка“,
вели Мицкоски.

Говорејќи во истиот контекст, тој додава дека билатералната соработка меѓу Македонија и САД во моментов е на највисоко ниво, историски гледано, а со потпишувањето на овој билатерален договор таа дополнително ќе се зајакне.
„Знам дека тие многу го ценат она што го правиме за нашето партнерство. Но, со овој билатерален договор, ќе ги направиме нашите билатерални партнерства многу посилни и многу поизводливи во однос на економската соработка во иднина, а тоа ќе ги отвори портите за американскиот извоз и инвеститори да имаат многу поамбициозна и многу позначајна улога не само на Балканот, туку и во Европа воопшто“,
наведува Мицкоски.
Воедно, Мицкоски во интервјуто за американскиот медиум вели дека со задоволство би го угостил Трамп во земјава, каде, како што наведува, актуелниот американски претседател ужива многу висока поддршка, повисока од каде било во Европа.
„Кога ќе има слободен временски термин во својот распоред, ние ќе бидеме многу задоволни да го угостиме доколку одлучи да го посети регионот бидејќи, како што реков, како не толку многу сојузници во Европа, ние сме земја која без сомнение дава поддршка кога станува збор за администрацијата на претседателот Трамп. Дури и многу поодамна, и пред тој официјално да стане претседател, кога немаше премногу земји во Европа кои веруваа дека тој ќе ја победи Камала Харис на претседателската трка“,
вели Мицкоски во интервјуто.
Премиерот во разговорот открива и дека американски воени авиони кои се ангажирани во операциите поврзани со војната со Иран секојдневно слетуваат и полетуваат од македонските аеродроми, а дел од нив тука се задржуваат пред повторно да заминат кон Персискиот Залив.
„Американското воено воздухопловство ги користи нашите аеродроми, така што секој ден авиони на американското воено воздухопловство слетуваат и полетуваат од нашите аеродроми. Некои од нив ги користат нашите аеродроми за паркирање, за малку одмор, а потоа повторно заминуваат кон Заливот“,
вели Мицкоски.
