Од Министерството за внатрешни работи велат дека по целосното документирање на случаите против приведените лица ќе бидат поднесени соодветни пријави
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во два одвоени случаи привеле двајца жители на главниот поради нелегално поседување оружје. Според информациите, и во двата случаи биле пронајдени пиштоли, а во едниот полицијата дејствувала по добиена пријава за упатени закани со огнено оружје.

Имено, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера во 16:30 часот на улицата „Финска“ во Скопје, екипи на Единицата за интервентна полиција во угостителски објект го лишиле од слобода Е.О.(37) од Скопје поради сомнение дека сторил кривично дело по член 396 од Кривичниот законик (КЗ).
„При преглед кај него бил пронајден и одземен пиштол“,
велат од МВР.
Исто така, во текот на вчерашниот ден полициски службеници од СВР Скопје на подрачје на општина Центар го лишиле од слобода шеесет и четиригодишниот З.И. од Скопје откако било пријавено дека упатувал закани со огнено оружје кон друго лице.
По извршени проверки и при преглед на теренот, биле пронајдени и одземени пиштол и рамка со куршуми, додека при преглед на патничко возило „форд“ биле пронајдени и одземени уште една рамка за пиштол и куршуми.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека по целосното документирање на случаите против приведените лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.
