„Не можеме да се повлечеме од разговорите, бидејќи тогаш ќе испратиме многу погрешна порака и ќе се изолираме. Вистинските патриоти водат битки и победуваат, не се предаваат. Јас никогаш нема да се предадам и никогаш нема да се повлечам од каков било разговор. Ќе продолжиме да разговараме и на крајот ќе победиме“, изјави премиерот во разговор за Атлантскиот совет во Вашингтон говорејќи за македонските евроинтеграции
Испорачуваме сè, а потоа повторно соочуваме со вештачки наметнати пречки – прво промената на името, а сега повторно промена на Уставот. Она што ме плаши е дека овој процес практично никогаш не завршува.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во разговор за Атлантскиот совет во Вашингтон, говорејќи за македонските евроинтеграции. Обвини дека за земјава ниту приближно се почитува пристапот заснован на заслуги и дека на патот кон Европската Унија Македонија постојано се справува со билатерални прашања.

Никој не може да гарантира, вели Мицкоски, дека ова е последното барање.
„Нашот случај е посебен. Не е ни блиску до претходната институционална меморија на претходните земји кои станаа членки на ЕУ. Го започнавме нашето патување дури и пред Хрватска, со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година, пред повеќе од 25 години. Заедно со нив станавме земји кандидати. Заедно со нив го добивме првиот позитивен извештај од Европската комисија за почеток на преговорите. За жал, оттогаш не можеме да започнеме поради некои вештачки причини“,
изјави Мицкоски.
Фрустрирачки и разочарувачки, според него, е тоа што и покрај сè, земјава останува да чека во лобито на ЕУ. Тој ја обвини претходната власт дека во услови кога не испорачала дома, се обврзала да ги прифати сите услови од ЕУ.
„Се обврзаа да го променат Уставот, знаејќи дека тоа беше многу слаба влада, без двотретинско мнозинство во Собранието. Во тоа време ние бевме опозиција и ги предупредувавме да не го прифаќаат ова, бидејќи со прифаќањето на овој бел лист хартија ќе го уништат процесот на проширување на ЕУ за мојата земја. За жал, не беа доволно паметни и прифатија сè. Меѓу условите, повторно имаме барање за дополнителна измена на Уставот“,
додава Мицкоски.
Но, вели тој, менталитетот на актуелната влада е да ги води битките и да излегува како победник од нив.
„Не можеме да се повлечеме од разговорите, бидејќи тогаш ќе испратиме многу погрешна порака и ќе се изолираме. Вистинските патриоти водат битки и победуваат, не се предаваат. Јас никогаш нема да се предадам и никогаш нема да се повлечам од каков било разговор. Ќе продолжиме да разговараме и на крајот ќе победиме“,
порача премиерот.
Мицкоски не ја исклучува можноста за прифаќање на уставните измени, но тие да стапат во сила со одложено дејство, кога земјава ќе ги заврши преговорите, за да се осигура дека нема да има повеќе пречки на патот кон ЕУ.
