Министерот Тошковски посочи дека полициските возила ќе овозможат контрола на брзината и на локациите каде што нема поставено камери, бидејќи возачите веќе ги препознаваат местата на кои функционира „Безбеден град“. Полициските возила, како што вели, ќе бидат подвижни и нивната локација нема да може однапред да се предвиди, а регистрираните прекршоци директно ќе се внесуваат во дигиталниот систем за нивно евидентирање и процесирање
До крајот на месецов треба да заврши воведувањето на системот „Безбеден град“ во СВР Струмица и градовите што ги покрива овој сектор, по што системот ќе биде имплементиран и во СВР Штип
Во 2027 година возилата на Министерството за внатрешни работи ќе регистрираат сообраќајни прекршоци и на местата каде што не е поставен системот „Безбеден град“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека во контролите ќе бидат вклучени голем број полициски возила, кои ќе детектираат прекршоци и кога се паркирани и кога се во движење.

Посочи дека возачите веќе знаат каде се поставени камерите на „Безбеден град“ и таму ги почитуваат сообраќајните правила, но дека во деловите каде што нема камери сè уште се забележува поинаков начин на управување со возилата.
„Со возилата на МВР ќе можеме да детектираме, пред сè, управување моторно возило со несоодветна брзина. Ценам дека таков тип на контрола е нужен за да можеме да го смириме сообраќајот и таму каде што немаме поставено камери. Оние што несовесно ги управуваат моторните возила полека научија каде се камерите и тоа е добро. Е, сега, нема да може да претпостават каде ќе бидат полициските возила. Тие ќе може да констатираат прекршок и тој директно ќе биде внесен во дигиталниот електронски систем за доставување, спроведување и процесирање на сите прекршоци“,
– изјави Тошковски по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030.
Тој додаде дека мерката ќе биде особено важна за остварување на целите предвидени во стратегијата.
Тошковски соопшти дека до крајот на месецов треба да заврши воведувањето на системот „Безбеден град“ во СВР Струмица и градовите што ги покрива овој сектор, по што системот ќе биде имплементиран и во СВР Штип.
Очекува неговата примена да биде проширена на целата територија на државата до крајот на годинава или на почетокот на 2027 година.
