„Постепената интеграција е можност европската перспектива да ја претвориме во конкретни резултати додека продолжуваме со реформите неопходни за полноправно членство“, рекол министерот за европски прашања

Европската перспектива на Северна Македонија, најновите случувања во политиката на проширување на Европската Унија и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји биле темите на кои разговарале првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали и пратеникот во германскиот Бундестаг, Петер Бајер.
Во фокусот на разговорите, како што информираат од Министерството за европски прашања (МЕП), била постепената интеграција во единствениот европски пазар, како механизам што овозможува конкретни придобивки за граѓаните и компаниите паралелно со спроведувањето на реформите и напредувањето кон полноправно членство.
Министерот Сали го истакнал значењето на новиот пристап на Европската комисија за подготовка на поширока Европска Унија, нагласувајќи ја потребата процесот на проширување да биде подинамичен, попредвидлив и заснован на заслуги.
„Европската интеграција не треба да започне дури на денот на пристапувањето. Нашите граѓани и компании треба да ги почувствуваат придобивките од приближувањето кон Европската Унија уште сега. Постепената интеграција е можност европската перспектива да ја претвориме во конкретни резултати, додека продолжуваме со реформите неопходни за полноправно членство“,
истакнал Сали.
Како конкретен пример било посочено вклучувањето на Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што овозможи намалување на трошоците за прекугранични трансакции и проценети заштеди од над пет милиони евра. Се разговарало и за напредокот во преговорите за роаминг со ЕУ, подобрувањето на регионалната поврзаност и олеснувањето на протокот на стоки.
За време на разговорите внимание се посветило и на предизвиците со кои се соочуваат превозниците од Северна Македонија во контекст на правилата за престој во шенген-зоната, како и на потребата од разгледување практични решенија што ќе го зачуваат функционирањето на синџирите на снабдување и економските врски со европскиот пазар.
Една од темите, како што додаваат од МЕП, била и спроведувањето на Реформската агенда во рамки на Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на владеењето на правото, јавната администрација, дигиталната трансформација и економската конкурентност.
Министерот Сали ја потврдил посветеноста на Северна Македонија на реформите и на праведен, кредибилен и објективно заснован процес на пристапување, нагласувајќи го значењето на дијалогот со Германија и нејзината улога во регионалната соработка и процесот на проширување на ЕУ.
Денеска, еврокомесарката за проширување Марта Кос претставувајќи го овогодишниот пакет за проширување на Европската Унија пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент – АФЕТ, репрезентирајќи го извештајот, наведе дека оваа година има три новини.
Првата е дека Европската комисија ќе претстави сет од индикативни патокази за четирите земји кандидатки кои имаат најголем напредок на патот за членство во Европската Унија во текот на изминатата година.
Претставувајќи ја втората новина, Кос рече дека Европската комисија презентира нов модел на постепена интеграција.
Трета новост, што ја претстави Кос се однесува на нов фокус на интегрираната природа на европската безбедност.
