Од Мрежата дополнително предупредуваат на опасноста од јавниот говор на одредени јавни личности и политички претставници кои отворено ја оправдуваат машката контрола и го релативизираат партнерското насилство, наместо да наидат на недвосмислена осуда

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство упати реакција и барање за итна, темелна и независна истрага по трагедијата во Богданци, каде што беа пронајдени две безживотни тела, а на која ѝ претходела пријава за партнерско насилство врз 17-годишна девојка.
Од Мрежата бараат целосна проверка на постапувањето на полицијата, обвинителството и социјалните служби, како и итен одговор на прашањето: дали институциите ги презеле сите неопходни мерки за заштита по пријавеното насилство?
Од Мрежата потсетуваат дека по трагичната смрт на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка пред осум месеци, беа дектирани сите системски слабости, а претставниците на институциите и граѓанските организации седнаа на заедничка маса, со јасна обврска за законски измени, подобра проценка на ризик и координирано постапување меѓу сите надлежни органи.
Но, наместо системска заштита, оттаму велат дека предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од август годинава се заглавени во собраниските процедури.
„Особено алармантни се информациите дека дел од парламентарното мнозинство ги оспорува предложените решенија како ’премногу прогресивни‘, затоа што во нив се користат поимите родова еднаквост и родово базирано насилство. Да се проблематизираат овие поими додека жените и девојчињата соочуваат со закани и физички напади е недозволиво. Заштитата на жените и децата не смее да биде заложник на идеолошки несогласувања“,
се нагласува во соопштението.
Од Мрежата дополнително предупредуваат на опасноста од јавниот говор на одредени јавни личности и политички претставници кои отворено ја оправдуваат машката контрола и го релативизираат партнерското насилство, наместо да наидат на недвосмислена осуда.
Од Националната мрежа против насилство врз жени бараат итна истрага за Богданци со целосна проверка на претходното постапување на полицијата, обвинителството и социјалните служби, проценката на ризик и преземените заштитни мерки. Исто така бараат и Собранието јавно да го објасни статусот на предлог-измените поднесени во август и да даде конкретен рок за нивно донесување, а од Владата бараат информација до каде е усогласувањето на останатите закони кои работната група требаше да ги подготви по фемицидот на Ивана.
Бараат и итно ставање во процедура на законските измени, без отстранување на поимите родова еднаквост и родово базирано насилство.
Од Мрежата бараат и јасна одговорност од Владата и парламентарното мнозинство за спроведување на преземените обврски, итно спроведување на задолжителна проценка на ризик и навремени заштитни мерки за секоја пријава, како и јавна и недвосмислена осуда на секој говор што ја оправдува контролата и насилството врз жените.
„Заштитата од насилство не е ’прогресивна идеологија‘ – таа е основна обврска на државата. Жените и девојчињата не можат да чекаат политичарите да се договорат дали зборовите род и родова еднаквост им се прифатливи. Нивната безбедност не смее да зависи од политички калкулации“,
порачуваат од Националната мрежа.
