„Продолжуваме со отворен дијалог и конструктивна соработка во насока на јакнење на регионалното поврзување и европската перспектива на Западен Балкан“, наведе премиерот во објавата на Фејсбук за средбата со српскиот претседател
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва преку објава на неговиот официјален фејсбук-профил информира дека имал средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.

На средбата, како што напиша Мицкоски, со Вучиќ разговарале за актуелните сосојби во регионот, значењето на добрососедските односи, унапредувањето на соработката и заедничките интереси кои, како што наведува, придонесуваат за стабилност, развој и просперитет на народите на двете земји.
„Продолжуваме со отворен дијалог и конструктивна соработка во насока на јакнење на регионалното поврзување и европската перспектива на Западен Балкан“,
додава премиерот во објавата.
Од фотографиите што ги сподели Мицкоски од средбата, може да се види дека на неа присуствал и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски, како и други преставници на македонската и српската делегација кои се во Њујорк.
Премиерот претходно, исто така на Фејсбук, соопшти дека македонската делегација која учествува на Генералното собрание на Обединетите нации, присустувала на одбележувањето на 25-годишнината од терористичките напади врз Њујорк на 11 септември 2001 година.
Одбележувањето го предводел генералниот секретар на НАТО Марк Руте, а на него присуствувале претставници на земјите сојузнички на САД во Алијансата, кои по нападите се повикаа и на членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој ја дефинира заедничката одбрана на сојузот.
„Америка останува најголемата светска сила. Но, Америка не мора да го носи товарот самата. Сојузниците на Америка се со неа. Никој не смее да се сомнева во нашата решителност. Така беше пред 25 години, така е и сега“,
изјави Руте во обраќањето во меморијалниот музеј на местото каде што некогаш стоеја кулите близначки на Светскиот трговски центар.
Во вторникот лидерите на земјите од Западен Балкан во Њујорк имаа средба со високата преставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Каја Калас, на која биле разменети мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за понатамошно зајакнување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен, безбеден и просперитетен регион.
