Премиерот вели дека имал средба и разговор со претседателот Стуб, на која било истакнато значењето на почитувањето на меѓународното право, силната мултилатерална соработка и потребата од градење стабилна и безбедна Европа

Актуелните регионални предизвици, можностите за понатамошно зајакнување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен, безбеден и просперитетен регион, биле темите за кои размениле мислења и разговарале премиерот Христијан Мицкоски и лидерите на земјите од Западен Балкан, во Њујорк на средбата со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
За средбата што ја имале со Калас, Мицкоски објави на својот фејсбук-профил каде постави и заедничка фотографија.
Мицкоски, кој учествува на Генералното собрание на ОН во Њујорк, претходно учествувал на состанокот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан, а имал средби и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и со премиерот на Косово, Албин Курти.
Мицкоски објави и дека учествувал на панел-дискусијата „Reaffirming the promise of peace: using the power we have“, чиј домаќин во Њујорк бил претседателот на Финска, Александар Стуб, на која се разговарало за важноста на мирот, дијалогот, одговорното лидерство и улогата на државите и меѓународните институции во справувањето со глобалните предизвици.
Премиерот вели дека имал средба и разговор со претседателот Стуб, на која било истакнато значењето на почитувањето на меѓународното право, силната мултилатерална соработка и потребата од градење стабилна и безбедна Европа.
„Македонија останува посветен партнер во напорите за мир, стабилност и соработка, како членка на НАТО и земја стратешки определена кон европската интеграција“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
