Кочанскиот обвинител Игорчо Крстов, кој го застапува предметот против Ива Михаилова, ги отфрли како невистинити нејзините изјави кажани во поткаст во Бугарија, со кои се повредени неговите чест, углед, достоинство. Михаилова на поткастот, меѓу другото, рече дека обвинителот ѝ барал поткуп за да добие условна казна за делото што ѝ се става на товар
Јавниот обвинител Игорчо Крстов од Основното јавно обвинителство Кочани, кој го застапува предметот против Ива Михаилова, денеска преку својот адвокат Аљоша Кацаров побара таа јавно да му се извини за, како што вели, изнесените невистини и клевети кажани за време на нејзиното гостување на поткаст во Бугарија.
Вели дека со изјавите на Михаилова биле повредени неговите чест, углед, достоинство.

Во поткастот, додава кочанскиот обвинител, Михаилова изнела тврдења за наводно дискриминаторско постапување од негова страна, посочувајќи дека тој лично ѝ кажал оти постапката би се одвивала поинаку доколку таа била Србинка, како и дека тој лично ѝ побарал поткуп за да помине со условна казна.
„Од страна на Ива Михаилова беше изнесена клевета за дискриминаторско постапување кон неа (цитираме): ‘Обвинителот лично ми кажа, ако беше србинка на различин начин ќе се одвиваа работите’. Со намера за дополнително дискредитирање и нанесување на штета на личен углед на обвинителот, дополнително беше изнесена и клевeта во форма на инсинуациja за сторено кривично дело“,
се наведува во писменото соопштение на обвинителот Игорчо Крстов и неговиот адвокат Аљоша Кацаров.
Со ваквите изјави, кои беа пренесени од македонските медиуми, се додава во заедничкото соопшение, Михаилова и покрај тоа што знаела дека тие се невистинити, сепак ги изнела и со тоа му нанела штета на честа, угледот и професионалната репутација на обвинителот Игорчо Крстов.
„Од тие причини, согласно член 12 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, се обраќаме до лицето Ива Михаилова со барање јавно да се извини на Игорчо Крстов и да ги повлече невистиностите и клеветничките изјави што ги изнесе против него преку Јутјуб од 07.11.2026, јавно на ист или соодветен начин“,
се додава во соопштението на кочанскиот обвинител и неговиот адвокат.
За време на поткастот, емитуван на 7 ноември на Јутјуб, Михаилова рече дека не се чувствува како престапник и изнесе серија навреди кон Македонија и обвинувања за дискриминација кон неа. Таа не отстапи ниту од тврдењето дека имала потреба од лекување за кое тврди дека не можело да се изврши во Македонија.
